Спасовски тврди дека ефикасноста на полицијата во откривање корупција е зголемена за 50 отсто
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, гостувајќи на ТВ Клан, истакна дека кога е преземена власта во 2017 година не постоел никаков механизам за започнување на финансиски истраги и конфискација на имот на тоа што е стекнато на незаконит начин.
„Во тој период сме имале само три случаи на конфискација на имот, зборувам од 1990 до 2020 година. Сега имаме паралелни финансиски истраги, формиравме посебен Оддел за финансиски истраги во рамките на Одделот за организиран криминал и корупција. На тоа сме насочени да работиме заедно со Јавното обвинителство. Формиравме Национален центар за борба против организиран криминал со седиште во МВР, во коешто се повеќе институции, заедно се работи и тие ги даваат резултатите и ефектите”, рече министерот Спасовски, при што истакна дека оваа година се преземаат паралелни истражни дејствија и финансиски истраги.
Во делот на откривачката функција на МВР во борбата против корупцијата, министерот Спасовски тврдеше дека оваа година има зголемување за 50% во делот на ефикасноста на откривањето на корупцијата.