Спасовски: Нема никаков договор за Мијалков
Апсолутно, тезите што сега се покренуваат дека некој нешто договарал со некого за одреден случај, мислам дека се демантираат една по друга или се исклучуваат една од друга. Ако некој со некого се договарал, за што се договарал, да избега или да се врати повторно пред лицето на правдата, кој е тој договор што е правен и со кого бил правен? Никакви договарања нема и нема да има со било кого, а секој еден што носел какви било одлуки спротивни на закон, спротивни на интересите на граѓаните и на државата, треба во секој момент да излезе пред лицето на правдата и да понесе одговорност.
Вака одговори министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на прашањето од пратеникот Игор Јанушев од ВМРО – ДПМНЕ на денешната собраниска седница во врска со актуелните случувања со Сашо Мијалков.
– Апсолутно, ние и сега покажавме, а и од почетокот кога се отворија постапките дека правда мора да има за секого во оваа држава без разлика кој е тој и на каква позиција се наоѓа. И ова што сега го направија институциите со приведувањето на Мијалков и неможноста да избега од правдата. Впрочем никој не избегал од правдата и ниту еден од тие да избегаа и што правеле каква било штета на граѓаните и на држават, нема да избегне да се соочи со правдата. Во тој дел сите да бидеме на јасно, рече Спасовски.
Кога зборуваме за правда, за постапки, за се што се случува околу правдата можеби, му се обрати на Јанушев минситерот за внатрешни работи, вие сте најдобриот соговорник со кој може да разговараме.
– Осомничен за криминал и од СЈО и сега се води постапка во Јавното обвинителство, другар партиски, по криминал, другар по мафијаштво на Груевски и на Мицкоски, и сега за кого и во кого треба да се има верба. Криминалот и корупцијата се одлика на вашето време и времето во кое вие успеавте да воспоставите начин на функционирање во тој момент на режимот таков каков што беше. Тоа го кажувам само околу кредибилитетот, секогаш крадецот вика држте го крадецот и прашува зошто се водени такви постапки, изјави Спасовски.
Јанушев во реплика истакна дека е евидентна нервозата кај Спасовски и потенцира дека ниту е осомничен, ниту се води некоја постапка против него.