Спасовски: МВР има најдобри резултати во последните 30 години


 

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во својство на домаќин на јубилејната 50. Европска регионална конференција на Интерпол што се одржува во Охрид, оцени дека сме исправени пред софистицирани заеднички безбедносни предизвици кои бараат и заедничка одговорност, здружен пристап и обединети напори. Тој на прес-конференцијата со Генералниот секретар на Интерпол Јирген Шток потсети дека Интерпол е  клучната организација за обезбедување на глобалната безбедност, „наш сериозен партнер за соработка, за размена на информации и обезбедување на синергии меѓу многуте глобални и регионални напори и иницијативи“.

Македонскиот министер за внатрешни работи нагласи дека како членка на Интерпол државата континуирано се фокусира на аплицирање одерни методологии што ќе обезбедат исклучителна и ефикасна превенција, примена на најиновативни решенија за полициските и безбедносните прашања, а со тоа и зајакната борба против глобалниот криминал.

„Нашето Министерство активно учествува во оперативни акции координирани од Генералниот секретаријат на ИНТЕРПОЛ, насочени кон воспоставување механизам за размена на податоци за сомнителни профили на лица инволвирани во терористички активности, кои ги користат мигрантските рути заради полесно инфилтрирање, како и за употреба на импровизирани експлозивни направи. Интензивно се одвива и соработката со странските полиции во споделување податоци заради поуспешно справување со актуелните предизвици во областа на криумчарење мигранти и трговија со луѓе“, рече Спасовски.

Тој потсети дека во рамки на една од таквите операции на Интерпол се идентификувани трaнсконтинентални рути за криумчарење мигранти, трговија со луѓе, илегални мигранти, спроведени се контроли на гранични премини и иницирани нови меѓународни истраги, при што во земјата се идентификувани 270 илегални мигранти. Како други активности тој посочи на активностите за спречување илегална трговија со украдени возила, спречување шверц и илегална трговија на животни, недозволена трговија со културни добра и предмети од културно и археолошко значење…

„ Со оглед на активноста што МВР ја има на полето на регионалната и меѓународната соработка, како и на спроведените сериозни реформи во институцијата, можеме да се пофалиме  со  намалување на криминалитетот и постигнати најдобри резултати во последниве 30 години во справувањето со современите безбедносни предизвици, како што се недозволената трговија со дрога и оружје, нелегалната миграција и криумчарењето на мигранти, трговијата со луѓе и слично, што придонесе да бидеме оценети како кредибилен партнер за соработка и пример во регионот“, рече министерот Спасовски.