Спасовски: Мијалков е се уште во државата – одговорноста за бегството не ја гледа кај себе
Според анализите и проценките кои се прават и информациите кои ги добиваме Мијалков е се уште во државата, изјави на прес конференција министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Тој не гледа лична одговорност за бегството на обвинетиот Сашо Мијалков и за тоа ги посочи пропустите во системот. Тој денес на прес конференција ги отфрли шпекулациите за било каков договор за бегството на Мијалков.
Одговарајќи на новинарско прашање тој рече дека МВР немало наредба за следење на Мијалков, а мерките кои биле преземени биле прикриено полициско набљудување.
„Мора да ја бараме одговорноста во системот – доколку не се среди системот ќе се повторуваат вакви работи“ рече Спасовски додавајќи дека бегството на Мијалков треба да биде силен аларм да се среди системот и да се постапува согласно процедурите.
„МВР ги извршува наредбите кои ги добива од Обвинителството и судот“, рече Спасовски.
Министерот за внатрешни работи најкатегорично ги отфрли шпекулации за какви било договори за бегството на Сашо Мијалков.
„МВР ги презеде сите расположиви мерки за обезбедувањето на лицето и активно работи на пронаоѓање на бегалецот и негово приведување пред правдата“, информираше денеска на прес-конференција министерот Спасовски.
Во тек се информативни разговори со лица кои е можно да поседуваат информации или се поврзани со бегството на Сашо Мијалков.
„Во текот на вчерашниот ден извршени се информативни разговори со 10 лица, меѓу кои се членови на семејството и обезбедувањето, а денеска дополнително се повикуваат други лица. Одземени се телефони, документација и други предмети кои можат да послужат во врска со случајот. Обезбедени се снимачи од згради и објекти, а проверувани се и камерите од „Безбеден град“ со цел добивање на дополнителни информации“, појасни министерот.
Тој рече дека Министерството за внатрешни работи ги извршува наредбите кои ги добива од Обвинителството или од Судот и не може ниту да носи одлуки, ниту да постапуваме без Обвинителство и Судот.
„Сега е моментот кога мора да ги насочиме сите сили да го најдеме бегалецот и да го соочиме со лицето на правдата. Бегањето од таа одговорност, носењето на оставка нема да ги реши проблемите, па чија сака нека е. Сметам дека треба да има детална истрага за целиот случај, доколку има било кој, што допринел за оваа ситуација за бегство, не да носи морална, треба да носи кривична одговорност, без разлика дали е министер или некој во службите, Судот или Обвинителството“, изјави Спасовски.
Во однос на тоа дали се сомнева дека постои крт во МВР, Спасовски рече дека се сомнева дека постои крт во било која од институциите кои долги години биле под режим.
„Тука не можеме да кажеме со сигурност дали кој тоа го прави. Тоа треба да го покаже истрагата, меѓутоа има сомнежи дека е можно да има во сите институции, кои се надлежни и низ кои минуваат сите овие одлуки, писма и т.н. да има можност на протекување на информациите“, изјави Спасовски.