Спасовски: Изјавите на Пендиков се „чиста глупост“


Фото: Б. Грданоски

„Целосна глупост“. Вака министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, ги дефинираше изјавите на секретарот на бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“, Христијан Пендиков.

„Во Република Северна Македонија се почитуваат правата на секој граѓанин, на секој човек кој е на територијата на државата. Не ние, меѓународните институции ја оценија Република Северна Македонија како една од најбезбедните земји во регионот поради податоците, информациите, анализите за состојбите во државата и мислам дека за секој граѓанин – без разлика дали е Македонец, Албанец, Турчин, Србин, Бошњак, Влав, Ром, не знам што друго… Бугари, Црногорци, кои и да се – државата е тука и секогаш ќе биде тука да ги штити овие граѓани“, рече Спасовски.

За причините за нападот на Пендиков, Спасовски повтори дека тоа е во надлежност на обвинителството и изјави дека е добро да се расветли овој дел од случајот.

„Правото на самоопределување е најсилното право и никој не може да го оспори, а ние го почитуваме тоа право. Кој сака во државата нека се дефинира како сака. Од друга страна, пак, сакам да испратам јасна порака дека никој нема право и нема да дозволиme никој да ни го оспорува правото на самоопределување затоа што ние сме тие кои се чувствуваме Македонци, како македонски народ, како граѓани на Република Северна Македонија. Ние одлучуваме за нашата иднина, ние одлучuvame кои сме по идентитет, кои сме по јазик. Ќе го почитуваме правото на самоопределување на секој кој живее на територијата на државата или кој доаѓа во Република Северна Македонија, бидејќи ние сме добар и гостопримлив народ , но ниту јас ниту институцијата со која раководам нема да дозволиме некој да ни го ускрати правото на самоопределување“, рече Спасовски.

Претходно европратеникот Ангел Џамбаски во интервју за бугарски медиум зборуваше за правото на самоопределување, но не на Македонците туку на Бугарите во Македонија, иако и тоа е чекор напред за нас, бидејќи сега во Бугарија повеќе се занимаваат со правата на „нивните“ отколку со тезата дека Македонци не постојат. 

– Сакаме враќање на ветото бидејќи во РС Македонија „бугаромразачката“ власт ги напаѓа луѓето со бугарска самосвест. Тоа е спротивно на вредностите на ЕУ, меѓу кои и на правото на национална самоопределба, правото на здружување и правото да се нарекуваш како сакаш. Во Македонија тие права им се одземени на локалните Бугари. Тие имаат само северномакедонско државјанство и се претепуваат до смрт, изјави Џамбаски.