Спасовски бара да не се блокираат патишта на 4 февруари


Нема никаква потреба од какво било организирање на граѓаните за блокади на патиштата или ноќни стражи на денот на чествувањето на роденденот на Гоце Делчев, затоа што тука се институциите на системот, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по повикот на социјалните мрежи упатен до граѓаните на 4 февруари да ја блокираат патарината Куманово – Скопје.

– Апелирам до сите на едно мирно, достоинствено чествување, а државата, МВР и безбедносните служби се тука да направат се и да обезбедат мирни услови, потенцира Спасовски.

Министерот рече дека имаат секојдневни активности МВР и агенциите и дека се формира посебен штаб за оваа активност. Спасовски е уверен дека нема да биде многу голем бројот на оние кои се организираат и сакаат да дојдат, бидејќи, како што посочи, граѓаните не се расположени за конфликти, сакаат стабилизација и напредок.

– Апсолутно нема да дозволам како МВР понижување на македонскиот народ и држава, најмалку да не понижи некој кој доаѓа од надвор. Ние сме народ кој е гостопримлив, кој знае да укаже чест и почит, но таа чест и почит мора да ни биде возвратена. Нема да дозволиме дома некој да ни дојде за да не понижува. Во тој дел институциите работат и прибираат информации, нагласи Спасовски во емисијата „Утрински печат“.

За тоа дали европратеникот Ангел Џамбаски ќе биде прогласен за персона нон грата, Спасовски рече дека ќе ја носат одлуката кога ќе дојде време за тоа.

– Одлуките не се прејудицираат, посебно во делот на безбедноста. Не може да ги кажете плановите и да излезе во јавност и така да се отвориме пред сите. Тоа можат да го прават неодговорни политичари. Институциите ќе работат сериозно врз основа на сите сознанија, ќе бидат вклучени сите сектори задолжени во овој дел за на крајот да ја постигнеме целта, а тоа да биде со мир, стабилност и безбедност за нашите граѓани и држава, рече Спасовски. 

Тој исто така оцени дека последниот случај во Охрид, со претепувањето на Христијан Пендиков,  е дел од хибрдната војна против Македонија поради кој овие денови се нарушија кревките македонско бугарски односи.

– Луѓе од иста групација и се оние коишто тепаат и оние коишто се тепани. Тоа ја докажува таа хибридна војна. Секое инкриминирачко дејство што се прави државата реагира во овој дел и ние кажуваме дека не може во ниту еден момент, ниту еден граѓанин, без разлика на национална, верска, политичка и било која друга припадност да биде физички нападнат и да биде малтретиран. На тоа државата јасно ќе се спротивстави и ќе преземе мерки какви што презема и во овој случај. Иако се обидуваат да ни накалемат дека државата не презема мерки за некоја категорија на граѓани, дека не води ефикасни истраги, што не е точно – рече Спасовски.

Спасовски потенцира дека последните случувања се дел од поголемо сценарио, зад кое стојат одредени неодговорни политичари кои, според него, не сакаат да имаат добри односи во регионот.

-Многу лажни вести се шират. Не реагирала полицијата иако било пријавено, не реагирало здравството, што не е точно.  Веднаш после пријавата, после сознанијата македонските полицајци отидоа во болница за да видат што се случува, да земат изјава, се дадоа првичните изјави. Во болничките центри, во Општа болница се преземени мерки, од првично згрижување на пациентот и заминување во Свети Еразмо. Ова мора да го знае македонската јавност за да не бидеме манипулирани поради неинформираност – вели Спасовски.

Тоа што повредениот Пендиков експресно беше префрлен во Бугарија на лекување, според него, е исто така дел од смислено сценарио.

-Секако дека ова е креирање на сценарио, со кое се сака да се покаже наводна грижа, а исто таква и подобра може да добие и во установите во РСМ. Нашиот дел ќе го правиме. Не смее да подлегнеме на провокациите од било која страна која ќе го наруши нашиот меѓудржавен однос, која ќе го наруши нашиот пат кон ЕУ. Иако сметам дека сериознио државата мора да реагира и да одговори на секоја провокација и навреда на македонскиот народ и македонската држава – порача Спасовски.