Спасот бил во оставката на Филипче


ЕРОЛ РИЗАОВ

Да не е толку алармантна и тешка ситуацијата со пандемијата во целиот божји свет оваа луда идеја треба да се прифати и да се препушти на ВМРО-ДПМНЕ и на нивната партиска здравствена комисија да ја спаси Македонија не само од опасниот вирус Ковид-19, туку од сите проблеми со кои се соочува македонското општество

 

Од ВМРО-ДПМНЕ, а од каде од друго место, стаса спасоносното решение од пандемијата. Македонија ќе се спаси од вирусот ако Венко Филипче понесе оставка и ако се смени здравствената комисија за заштита од заразни болести.

Верувале или не, спасоносниот лек ни го соопшти лично Гордана Димитриеска-Кочоска, онаа дама која стана позната во јавноста со тоа што не го потпиша милионскиот поволен кредит од Светска банка за полесно справување на здравствената криза предизвикана од корона вирусот. Таа деновиве му се обрати јавно на д-р Венко Филипче со зборовите: „Дај оставка, спаси го народот“.

Да не е навистина толку алармантна и тешка ситуацијата со пандемијата и последиците од неа во целиот божји свет оваа луда идеја треба да се прифати и да се препушти на Димитриеска-Кочоска и на ВМРО-ДПМНЕ и на нивната партиска здравствена комисија да ја спаси Македонија не само од опасниот вирус Ковид-19 како што проповедаат во партискиот врв, туку од сите проблеми со кои се соочува македонското општество.

Овие алиби барања се со единствена цел да се покаже некаква активност и грижа за граѓаните, бидејќи и самите знаат дека е далеку од умот да се прифатат оставки и од комисијата и од Филипче кои по многу релевантни оценки професионално, стручно според стандардите и препораките на Светската здравствена организација најтранспартентно заедно со целиот медицински персонал во тешки услови ги извршуваат сите предвидени здравствени протоколи според  искуствата на најразвиените земји и на науката.

Целата своја активност во врска со пандемијата ВМРО-ДПМНЕ ја насочи кон барање оставки од здравствените власти и министерот Венко Филипче, а нуту еднаш не слушнавме јавна заложба за почитување на мерките кои досега, научно потврдено, се најсигурната заштита од зараза. Напротив, ВМРО-ДПМНЕ во тек на најсилниот удар на пандемијата организира масовни протести што е уште една голема опасност за изложеност на зараза.

Како добра илустрација е силната определба на ВМРО-ДПМНЕ и на Христијан Мицкоски изборите да се одржат во ноември, или декември кога нивните предвидувања беа дека ќе биде надмината опасноста, наспроти проценките на епидемиолозите дека доцна есента и зимава нѐ очекува силен бран на заболувања што и се оствари. Замислете наместо летово сега да се одржат изборите по умот на стратезите на опозицијата.

Ако во Македонија за ниту едно прашање од државен интерес не може да се постигне заедничка согласност, тогаш многу човечки, хумано и со божји благослов е да се прекине со шпекулациите и политичката злоупотреба на пандемијата. Кога во цела Европа и сиот свет секојдневно драматично расте бројот на заболени, кои некаде дневно се движат двојно повеќе отколку што за целиот период се заболени во Македонија да се бара спасот во оставка на министерот и на здравствената комисија е навистина најблаго кажано и политички и човечки неодговорно и крајно несериозно. Во овој момент би било за вистинска осуда водечките државни здравствени работници и министерот за здравство Венко Филипче да поднесат оставка од која било лична или политичка причина. Ако во оставките на одговорните лица во водечките здравствени институции е лекот за спас од пандемијата тогаш, тоа ќе го направеа сите земји.

Еве една многу загрижувачка изјава на висок здравствен функционер во Австрија која кај нас е незамисливо да се каже:

„Порано или подоцна сите ќе се заразиме со новиот корона вирус“, предупредува австрискиот инфектолог Франц Алербергер, дополнувајќи дека не верува оти вирусот ќе биде искоренет во следните неколку години. „Овој вирус ќе ни остане. Секој од нас, порано или подоцна, ќе има корона вирус, освен ако пред тоа не умре“, вели директорот на Одделот за јавно здравје на Агенцијата за здравство и безбедност на храна на Австрија. Алербергер вели дека мора да научиме да живееме со короната во следните месеци, ако не и години.

Замислете ова да ни го каже Венко Филипче. Мислам дека ќе го линчуваме.

Единствениот лек кој до овој момент е најдобар е превенцијата со држење дистанца повеќе од два метри и со задолжителна маска, почитување на правилата ако сте позитивни да одите веднаш во изолација и на лекар, но пред сѐ пермаментна грижа за здравјето на луѓето и кога нема епидемии.

Хроничните болeсти од кои страдаат граѓаните на Македонија, лошиот квалитет на живот, лошите навики, обилната и нездрава храна, малите спортски активности, начинот на живеење, се најчестите причини за големата смртност. За тоа најдобар пример е Словенија. Голема колку Македонија, со два милиони жители, иако сега дневно има близу две илјади заболени смртноста е многу помала. Зошто. Тие што биле во Словенија знаат. Спорт, здрав живот и умереност во исхраната. Долго време Словенците ги почитуваа мерките додека не им пукна филмот и еве сега по над 1.800 заболени дневно. Брзо ќе се дисциплинираат. Бидете сигурни. Ги познавам добро.