Спасеновски даде предлог како ВМРО-ДПМНЕ да ги гласа уставните измени

Во 2014 година владата на Никола Груевски предложи нов државен грб кој во централниот дел би имал црвен лав на златно-жолта позадина во форма на штит, а во горниот дел би имало круна во форма на тврдина. Предлогот тогаш доби поддршка и од ДУИ. Враќањето на овој предлог, според универзитетскиот професор и експратеник Александар Спасеновски, би можело да биде креативно решение со кое би можел да се обезбеди консензус за уставни измени.
Станува збор за решение со кое би се антиципирале стравовите на оние што се противат на уставните измени и со кои ќе се овозможи нивна поголема идентификација со уставно-правниот политички систем во државата. Тоа, според него, би било и во светло на декларираната заложба на Владата за унапредување на единството.
„Можеби треба да се антиципираат овие стравови на поголемиот дел на граѓаните кои опонираат на уставните измени и да се размислува креативно во оваа насока. Да се најдат решенија кои ќе овозможат поголема нивна идентификација во рамки на Уставот или во рамките на уставно-правниот, на политичкиот систем на Република Македонија. Во минатото имаше такви заложби на дел од опозициските партии. Можеби враќањето на старата дебата некаде од 2014-2015 година за менување на актуелниот државен грб на државата, нешто што како проект беше започнато од минатата влада, беше обезбедена согласност од ДУИ, е еден од начините како да се овозможи земање предвид на итнересите, на заложбите, на најголемиот дел од конзервативниот дел од државата, но истовремено да се најде начин како резултат на таквата отстапка/решение да се дискутира со опозицијата и да се обезбеди нејзина согласност околу текстот на уставните измени“, рече Спасеновски вечерва во гостувањето во Дневникот на ТВ Сител.
Тој вели дека според моменталното расположение за уставните измени, веројатно поблиску сме до избори, но сепак смета дека има време за да се најде креативно решение.
„Веројатноста дека ќе бидат неуспешни овие уставни измени е извесна, не е мала. Зошто го велиме тоа? Поради распоредот на силите и начинот на кој се одвива дебата. Во таа смисла, веројатно сме поблиску до она решение дека претходно ќе има избори, пред да се случат уставните измени што претставува заложба на опозицијата. Од друга страна, сметам дека сè уште постои простор да се изнајде некое креативно решение во кое ќе бидат земени предвид стравовите на опозицијата од една страна, меѓутоа, од друга страна, истовремено ќе се постапи одговорно како власт и политички структури кои имаат за цел да ја интегрираат државата во ЕУ и, на некој начин, во тие политички лавиринти ќе се успее да се заштитат од една страна вредностите кои им се важни на граѓаните или би се унапредиле на некој креативен начин како што споменавме, а од друга страна, нема да се загрози европската перспектива на Република Македонија“, вели Спасеноски.
Спасеновски неколку пати нагласи и дека треба да се искористи моментот бидејќи ако до пред некоја година се зборуваше за измореност од проширувањето и имаше затворени врати од ЕУ, од февруари лани односно од почетокот на руската инвазија во Украина, има нови ветришта и отворени врати од страна на Европа.
Станува збор за црвен лав на златно-жолта позадина во форма на штит, како и круна во горниот дел во форма на тврдина. Меѓу објаснувањата на тогашната власт беше дека Македонија и Белорусија биле единствени во Европа што имаат државен грб инспириран од советската хералдика. Тогаш ДУИ се согласи на ваков државен грб, нагласувајќи дека лавот е дел и од албанската традиција, а го има и во грбот на градот Тирана. Круната, пак, рекоа, го претставува Скопското кале.