Спасен човек пропаднат во жива кал кај Пчиња (видео)


Драматично, но успешно спасување на човек кој пропаднал во длабока тиња и кал како од „жив песок“, шт било опасно и за заробениот човек и за спасителите, се случувало ноќеска, каде учествувале кумановските пожарникари, на терен до реката Пчиња, соопшти Центарот за управување со кризи.

– Денеска, од пред зори имаше неколкучасовно, успешно, а опасно извлекување од длабока тиња и кал како „жив песок“ и за заробениот човек и за спасителите – пожарникарите. Конкретно, покрај кумановскиот дел од река Пчиња, имаше комбинирана спасителна акција од страна на пожарникарите од Територијалната противпожарна единица и Итната медицинска помош од Куманово – соопшти ЦУК.

 

Тим кумановски пожарникари, на чело со командирот на смена Сашо Илиевски, неколку часа, од околу 4 часот, па до 7 часот утрово биле во спасувачка акција. Итниот случај го пријавил на риболовец, на 112, кој ги слушнал повиците за помош на лицето кое покрај реката заглавило во длабока тиња и кал, на тој потег од реката Пчиња.

Ситуацијата била опасна, бидејќи возрасен маж, сакал да се самоизвлече, но сѐ повеќе пропаѓал на местото каде што почвата била, буквално, како маскиран „жив песок“ со исушен слој најгоре, на површината, од топлото време, а надоу како да немало дно.

Тимот пожарникари, за среќа, брзо и на време стигнал до оддалеченото место од пристапен пат. бидејќи лицето било веќе речиси до рамења и врат пропаднато и било снеможено и на крај од неговите сили заради долготрајното заглавување при што полека тонело во меката почва.

Пожарникарите успеале да го фатат со јажиња од нивната опрема и полека почнале да го извлекуваат, при што било потребно и нивно доизвлекување, бидејќи и тие тонеле полека во меката почва. Еден со друг тимски си помагале, етапа по етапа, од сложеното, а навидум едноставно, извлекување и спасување на заглавеното лице, од опасниот терен.

Откако пожарникарите го извлекле од длабока тиња и кал, лицето речиси се онесвестило и го ставиле на специјалната спасителна даска за носење. Додека едни го носеле, други со секири го расчистувале пред нив патот од вегетација и дрвја за да се пробијат до пристапниот пат каде ги чекала Итната медицинска помош. Настраданиот е жив, но многу истоштен и снеможен од долготрајното заглавување. Тој е веќе во болница во Куманово и е надвор од животна опасност, соопшти ЦУК.