Совет за култура: Пет приоритетни области преку кои ќе се спроведуваат реформите во културата

Во следниот период Стратегијата ќе биде ставена на широка јавна консултација


Советот за култура предводен од претседателката Ганка Цветанова, одржа седница на која беше разгледана Нацрт-Стратегијата за развој на културата за периодот 2026–2030 година. На седницата членовите на Советот дискутираа за содржината на документот, неговите приоритети и насоките за идниот развој на културниот систем во државата.
Националната стратегија за развој на културата претставува клучен стратешки документ преку кој државата ги утврдува неопходните институционални рамки, административните алатки и мерки, како и приоритетните цели и активности во областа на културата за период од пет години.
 
Стратегијата идентификува пет приоритетни области преку кои во следниот петгодишен период ќе се спроведуваат реформите во културата: поттикнување и негување на квалитетот и разновидноста на креативните изрази во уметностите, заштита и одржливо користење на културното наследство, реобликување на моделите на управување во културата со поголема институционална автономија, дигитализација и дигитална трансформација во културата, како и унапредување на културата како ресурс за креативен, социјален и економски развој.
Во изработката на Нацрт-Стратегијата учествуваше работна група формирана од Министерството за култура и туризам, составена од службеници со долгогодишно искуство во институцијата. Документот беше подготвен во консултација со Македонската академија на науките и уметностите, како и со повеќе од 50 претставници од институции, научни установи, граѓанскиот и приватниот сектор, здруженија, автори, уметници и професори од високообразовните институции. Во рамките на подготовката беа направени анализи за периодот 2019–2024 година, а документот беше ревидиран и од експерти на УНЕСКО.
 
 
Во следниот период Стратегијата ќе биде ставена на широка јавна консултација. Предвидено е документот да биде објавен на Електронскиот национален регистар на прописи, со што ќе се овозможи сите заинтересирани страни да достават мислења, предлози и забелешки. Дополнително ќе се организираат јавни дебати, а документот ќе биде доставен на мислење и до државните органи, установите од областа на културата, здруженијата и независниот културен сектор.
 
 
Заложба на Министерството за култура и туризам е процесот на изработка и донесување на Националната стратегија за развој на културата да биде инклузивен и транспарентен, преку конструктивен дијалог со сите чинители во културниот сектор.
Според Законот за култура, улогата на Советот е да му дава мислења на министерот за култура во врска со прашања од неговата законска надлежност.
Членови на Советот за култура се: проф. д-р Ганка Цветанова, проф. академик Вера Битракова-Грозданова, проф. Атила Клинче, проф. Андријана Јаневска, оперскиот првенец Игор Дурловски, проф. Рефет Абази, проф. д-р Јован Донев, м-р Дејан Пројковски, проф. Антони Мазневски, Сузана Спасовска – пејач солист првенец, режисерот Сашко Мицевски и писателот Блаже Миневски.