Советот на Ѓорче Петров го усвои ребалансот на Буџетот, обезбедени пари за доизградба на градинката во Волково
Советот на Општина Ѓорче Петров го донесе ребалансот на Буџетот предложен од градоначалникот Александар Стојкоски во кој се обезбедени седум милиони денари за доизградба на градинката во Волково.
Како што соопшти Општината, средставта се обезбедени со кратење од парите наменети за трошоци на градоначалникот Стојкоски, Советот и на администрацијата.
–Потребите на градоначалникот, Советот, администрацијата се неважни во споредба со потребите кои ги имате вие, жителите на Ѓорче Петров. Затоа, денеска го направивме ребалансот на Буџетот на Општината! Го кратиме сето она кое го сметаме непотребен трошок. Затоа, меѓудругото кратиме од: трошоците за патување и сместување на Советот на Ѓорче Петров; Ставката за патувања на градоначалникот; Парите кои досега беа предвидени за одржување на службено возило; Средствата за копирање и печатење; Парите предвидени за цвеќиња и сместување на гости, напиша Стојкоски.
Тој дополнително, предложил, а Советот одобрил кратење на парите за плати и надоместоци за вработувања, за обезбедување и за средства планирани за фотографирање, со цел како што се посочува, изгласување буџет каде на прво место се жителите на Ѓорче Петров, кое треба да стане модерна, урбана и хумана општина.