Советник од ГРОМ ја напушти групата на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје, мнозинството на свилен конец


Фото: Б. Богдановска

 

На крајот на денешната седница за советнички прашања во Градот Скопје, советникот од партијата ГРОМ, Александар Трајановски, објави дека ја напушта коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и од сега ќе делува како независен. Откако ја соопшти одлуката, претседателот на Советот, Трајко Славески, не му дозволи до крај да ја образложи и ја заклучи седницата.

Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ на изборите лани во октомври освои 18 советници и е најголема во Советот на Скопје. Групацијата околу СДСМ има 12 советници. Советот на Град Скопје брои 45 члена. ВМРО-ДПМНЕ има мнозинство во Советот, заедно со Левица (4 советници) и коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива (двајца советници). Тоа вкупно значи 24 советници. Сега тоа мнозинство е 23, што значи дека е на самиот раб, со само еден советник повеќе потребен за мнозинство.

Откако градоначалничката Данела Арсовска го разреши директорот на „Комунална хигиена“ (кадар на Алијансата), односите меѓу неа, ВМРО-ДПМНЕ и АА се заострија. Доколку уште само еден советник излезе од мнозинството, тоа ќе стане малцинство.