Советник од Центар иницира воведување општинска чуварска служба

Поради зачестените кршења и оштетувања на урбаната опрема, детските и спортски игралишта, дрворедите и урбаното зеленило, советникот во Општина Центар, Ненад Матевски, до Советот на општината достави иницијатива за воведување на тн. „Чуварска служба“, чија главна цел ќе биде заштитата на јавното добро во општината.
„Оваа предлог-иницијатива произлегува од континуираната потреба за подобрување на квалитетот на животот и безбедноста на жителите на Општина Центар. Имајќи го предвид постоечкиот недостаток на доволен број полициски службеници и општински инспектори, сметам дека формирањето на една ваква мобилна служба, која ќе ги покрива сите 17 урбани заедници, ќе претставува значаен чекор напред во заштитата на јавното добро“, вели во своето образложение советникот Матевски.
Во иницијативата е објаснет и начинот на работа на „Чуварската служба“, која ќе вклучува и обуки на вработените од страна на стручни лица за овластувањата, начинот на постапување во различни ситуации, комуникациските вештини и основните правни аспекти потребни за нивната работа. Службата ќе работи во тесна координација со МВР и со општинските служби, со единствена цел, зголемување на чувството на сигурност на граѓаните на Општина Центар.
„Во Северна Македонија постојат примери на чуварски служби во рамките на одредени јавни претпријатија кои успешно придонесуваат кон заштита на јавното добро. На пример, Јавното претпријатие за стопанисување со државни шуми ‘Македонски шуми’, има организирана служба за надзор и заштита на шумските подрачја. Исто така, националните паркови како Маврово и Пелистер имаат служби за надзор и заштита на природните богатства.
Дополнително, во некои општини, јавните комунални претпријатија имаат служби за обезбедување и надзор на нивните објекти и инфраструктура“, образложува Матевски.
Покрај надзорот и заштитата на урбаната опрема, детските игралишта, клупите, кантите за отпадоци, спортските реквизити и останатата опрема, „Чуварската служба“ ќе води сметка и за зелените површини и општинското урбано зеленило, ќе биде мобилна и присутна на терен и доколку забележи активности спротивни на општинските насоки, ќе биде должна веднаш да го информира општинскиот инспекторат, како и МВР.