Советниците во Град Скопје ја чекаат Арсовска да го предложи буџетот


Данела Арсовска

 

Како ќе заврши приказната за буџетот на Град Скопје за 2023 година сѐ уште е нејасно, иако е тешко да се поверува дека тој не би бил усвоен, затоа што тогаш ќе треба да се оди на нови избори за советници. Но не е за градоначалник на Скопје, туку само за Советот. Градоначалничката Данела Арсовска вчера во интервју на Телма рече дека верува оти буџетот ќе се донесе затоа што „мој личен впечаток е дека таму има искусни луѓе, и во политиката и како советници, и никој не би понел таква политичка штета за нив“. Некои од советниците во разговор за порталот „Локално“ велат дека прво треба да го видат предлог-буџетот па после да одлучат пшто ќе прават.

За тоа дали се чувствува некаква политичка штета и дали се потребни избори, „Локално“ поразговара со дел од советниците во Советот на Градот. Советникот од редовите на СДСМ, Гордан Шутаров вели дека како членови на Градското собрание се уште го немаат видено предлог-буџетот за наредната година.

„Се надевам дека градоначалничката Арсовска во најбрз мозен рок ќе ни го достави буџетот, за да можеме да го разгледаме и да оформиме став. Сигурно дека како советничка група ќе поднесеме и определени амандмани за реални проекти и потреби за граѓаните кои не гласале да бидеме нивниот глас во советот на Градот Скопје“, вели рече Гордан Шутаров (СДСМ). Според него, донесувањето на буџетот зависи од мнозинството во Советот кое го има ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ не избрзуваат со став што би правеле, но и тие го чекаат предлогот на буџетот за следната година. Советникот од таа партија, Стефан Андоновски, вели дека „пред два дена ни беше доставено едно чудно писмо од градоначалничката до секој советник во кое се бара ние да напишеме проекти кои се дел од програмата ‘За модерно Скопје’, а би се нашле во буџетот. По ваквите писма изгледа дека планот за буџетот сѐ уште е во идејна фаза“, вели Андоновски. Тој нагласува дека ако предлогот е квалитетен нема да има советник кој не би го гласал.

За Теодора Крстевска од коалицијата „Движење одлучно за промени“ главниот проблем во Град Скопје е во игнорантнскиот и арогантен однос на градоначалничката и дека откако Арсовска е на функцијата „градот, за жал, тоне. Нема визија, нема проекти, нема ништо од модерното Скопје кое го ветуваше“.

Таа вели дека градоначалничката нема поддршка од ниту една советничка група, ниту од опозицијата ниту од мнозинството.

„Не постои таква советничка група која ќе обезбеди мнозинство и истовремено ќе ја поддржи. Решението не e распуштање на советот и избори за советници. Единствено решение е Арсовска да си даде оставка и да престане да го силува Скопје и скопјани.Ако треба и Советот да се распушти заедно со неа, ќе се распуштиме. Само да излеземе од оваа агонија која ја трпиме ние како советници, но и скопјани и градот“, вели Крстевска во разговор за „Локално“.