Советниците во Центар ги повлекоа точките за лаптопите и за салата од дневен ред


Координаторот на советничката група на СДСМ и коалицијата, Јон Фрчкоски, на почетокот на 69-та седница на Советот на општина Центар, побара  да се повлече од Дневниот ред предлог-одлуката за пренесување во сопственост на таблети на советниците во мандатниот период  2017-2021 година. 

„Овој состав на Советот, зборувам во име на нашата советничка група, нема намера да добие во сопственост таблети ниту пак некогаш сме побарале такво нешто. Доколку интенцијата на службите на Општината е попис на основни средства или расходување на основни средства поради нивна амортизираност, службите треба истата да ја преработат во соодветна форма со прилог-материјали во однос на тоа за кои се средства се бара отпис, која е нивната вредност и слично, па дури тогаш да ја разгледуваме и да расправаме по истата. Насловот на точката е сосема несоодветен и поради истото сме прозивани во јавноста изминатиот период во сосема погрешен контекст“, изјави советникот Фрчкоски. 

Фрчкоски, како координатор на Советничката група на СДСМ и коалицијата, побара од Секторот за финансии точката да ја предложи во соодветна форма за разгледување онака како што ќе ги изразува сметководствените потреби на општината, без да се ставаат советниците во позиција дека бараат сопственост на амортизираните основни средства, па потоа да се разгледува истата. Расходуваните средства понатаму, општината може да ги донира каде смета дека е потребно. 

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, го поддржа предлогот на Фрчкоски, со тоа што побара точката да биде вратена на доработка, исто како и точката за давање на користење на спортските сали на општинските основни училишта на територијата на Општина Центар без надоместок на КК „Работнички“ АД Скопје во учебната 2019/2020 година, која исто е вратена на доработка. 

Претходно, од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ реагираа дека во една од точките станува збор за службените лаптопи што ги добиле советниците од советничкиот состав во заминување за кои се предлага откако ќе им истече мандат советниците да ги задржат. Дополнително, потенцират и дека се против тоа клубот Работнички да има ексклузивитет над спортските сали бидејќи нивниот став е дека времето во салите треба рамноправно да се распредели на сите спортови за кои децата имаат интерес.

По ова, седницата започна со изменет дневен ред и советниците ги усвоија извештаите за работа на трите општински детски градинки и одлуката за ослободување од партиципација на деца Роми во предучилишното образование во општината.