Советниците повторно не ги изгласаа 10 милиони евра што Арсовска ги бара за еко-автобуси


Фото: Б. Грданоски

Со 14 гласа „за“, 4 „воздржани“ и ни еден против, советниците од Советот на град Скопје, денеска повторно не ѝ дадоа поддршка на градоначалничката Данела Арсовска за земање кредит од 10 милиони евра, за набавка на нови еко-автобуси. 

Речиси истите аргументи, кои Арсовска ги изнесуваше и во минатите обиди да ги убеди советниците да дозволат задолжување на градот за набавка на нови автобуси, ни денеска не ги убедија да го сменат мислењето. 

Иако сите се на мислење дека на градот му се потребни дополнителни, нови автобуси, сепак бараа одговр на прашањата од типот какви автобуси ќе се набавуваат, за што ќе се користат, како ќе се воведат нови лини, кога и со набавката на овие автобуси, градот кубури со возила…

Ја прашаа Арсовска и зошто пропаднаа трите јавни повици за вклучување на приватните превозници во јавниот градски превоз. 

Дополнително, сакаа да знаат зошто им е одговорено дека ќе се спроведе и брзиот рапид систем, проект кој го ветуваше претходниот градоначалник Петре Шилегов, а за кој има обезбедено 70 милиони евра. Советниците не беа убедени дека тие пари би се потрошиле соодветно, а не пак да дозволат уште 10 милиони евра за иста намена. 

Јавниот градски сообраќај во Скопје е десеткуван последните шест месеци, откако најпрво штрајкуваа вработените во ЈСП, па еден ден решија да не возат, нешто што се нема случено во историјата на градот, потоа штрајкуваа приватните превозници. Тие пак, и по неколкуте средби со градоначалничката и три јавни огласи, уште не се вратени на скопските улици, последно заради непотполна документација. Низ градот возат само автобусите на ЈСП, кои ги покриваат и линииите кои ги опслужуваа приватните превозници. Возниот ред е редуциран, а граѓаните мака мачат да стигнат на работа, во училиште или на лекар.