Советниците од СДСМ во Град Скопје бараат вонредна седница заради проблемот со приватните превозници


Фото: Б. Грданоски

Советниците на Град Скопје од редовите на СДСМ денеска побарале од претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, да свика вонредна седница заради сериозноста на проблемот со приватните превозници.

Во партиското соопштение се наведува дека граѓаните се соочуваат со недостиг на јавен превоз, поради префрлање на одговорноста за тоа кој е виновен и кој треба да го реши проблемот.

– Додека претседателот на Советот, Трајко Славески и градоначалничката Данела Арсовска си ја префрлаат топката кој е крив и кој треба да го реши проблемот, скопјани повторно се оставени на цедило да кубурат со нередовен и дотраен јавен превоз. Наместо да се грижат за граѓаните, ВМРО ДПМНЕ три години се кара и води инает со градоначалничката Арсовска, истата која ја промовираа за најдобра менаџерка и ветуваа дека Скопје ќе биде модерна метропола, со бесплатен превоз и нови 250 автобус – се наведува во соопштението.

Според опозициската СДСМ, одговорноста за состојбата со јавниот превоз е директна вина на советниците на ВМРО-ДПМНЕ, за кои велат „во континуитет одбиваат да гласаат за набавка на нови еко автобуси“.

– Одговорноста за хаосот со јавниот превоз во Скопје е директна вина на советниците на ВМРО ДПМНЕ кои во континуитет одбиваат да гласаат за набавка на нови еко автобуси. Дури сега се сети премиерот Мицкоски да набавува само 100 автобуси, за кои да биде поголем апсурдот, не се предвидени пари во новиот Буџет. Советничката група на СДСМ и коалицијата во Град Скопје, повикува итно да се свика вонредна седница и да се реши проблемот со приватните превозници, овој превоз им е потребен на граѓаните. Воедно, ги повикуваме сите останати советници да ја поддржат иницијативата – се наведува во соопштението.

Денеска попладне пак, претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески истакна дека ќе го стави на дневен ред на седницата на Советот барањето за зголемување на тарифата за приватните превозници, кога ќе има предлог-одлука од скопската градоначалничка Данела Арсовска.

-Што бараме ние од Данела Арсовска? Ние бараме да достави материјал како што тогашниот градоначалник Коце Трајановски  во 2017 година на 17 страници доставува до Совет предлог-одлука за утврдување на вредност на надоместок за извршени услуги во превозот на патници по критериумот остварен километар. Тука има формули, цени на горива итн. Ова одлука е уште на сила. Не може со манипулации од типот „Охрабри се Трајко“ или слични фрази, Совет на Град Скопје да одлучува за нешто за што нема мислење од стручните служби на Град Скопје. Во оној момент во кој што ние ќе добиеме предлог-одлука од овој вид на 17 страници, нека не е 17 страници, ние сме подготвени да ја ставиме на дневен ред. Сето друго е манипулација. Никој нема побарано вонредна седница. Каква вонредна седница и врз основа на што? Нема стигнато барање за вонредна седница. И нема основа за вонредна седница, рече тој.

Витина: Ако има иницијатива, Славески мора да свика вонредна седница на Советот

Советничката во Град Скопје, Ирена Витина ја оквалификува како неточна изјавата на претседателот на Советот Трајко Славески во врска со иницијативата на приватните превозници за зголемување на надоместот на услуга по километар.

– Од иницијативата која ви ја прочитав советникот бара да отпочнеме постапка во која што ќе ги разгледаме сите можности за ние како советници да утврдиме дали постои оправдана причина за покачување на цената на приватните превозници по километар или не постои. Како на советници, од страна на претседателот на Советот ни е ускратено правото што го имаме согласно Статутот и Деловникот да разгледуваме иницијативи и да постапуваме по нив. Ги уверувам граѓаните дека единствено ние како советници во Советот на Град Скопје можеме да донесеме таква одлука, изјави Витина.

Советничката кажа дека право на советниците е да ги разгледаат иницијативите на приватните превозници, со претходна подготовка и податоци кои би ги побарале од службите и приватниците. Смета дека треба да се почне дебатата за иницијативата и дека по којзнае кој пат тоа право како на советници им се ускратува.

– Уште еднаш ќе повторам, мислењето на градоначалникот е едно, но нашето право на одлука е наше. Обврска ни е пред граѓаните на Град Скопје, пред приватниците да не играме дворски игри и да бидеме одговорни, рече Витина.

Кажа дека советникот Горан Арсов доставил иницијатива, а градоначалничката дала мислење и дека нема пречка да се закаже вонредна седница, бидејќи како што вели „околностите се вонредни“.