Советниците на ВМРО-ДПМНЕ не сакаат расправа во Советот за дивоградбите во Чаир – се откажаа и од онаа за Сарај

Со само 18 гласа „за“, Советот на Град Скопје не го изгласа дневниот ред за вонредната седница, на која требаше да се расправа за дивоградбите низ Чаир, кои деновиве ги откриваше градоначалничката Данела Арсовска.
Имено, на оваа седница има две точки на дневниот ред – информација за ситуацијата со дивоградбите во општина Чаир и во останатите општини на град Скопје и информација за преземените активности на Град Скопје во врска со евидентираните дивоградби во општина Чаир и во останатите општини на град Скопје. Вонредната седница беше свикана на предлог на советничката група на СДСМ.
На втората треба да се расправа за истото, но за Сарај, а таа е свикана на предлог на советничката група од ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ ги обвинија советниците од ВМРО-ДПМНЕ дека го препишале нивниот предлог и само смениле назив на општина.
– Ние си го искористивме деловничкото право, кога велам ние, мислам на седницата која ние ја баравме, а ВМРО-ДПМНЕ буквално препишува од нас. Ако ги погледнете двете барања за седница ќе видите дека се идентични, дури и една печатна грешка што ја оставив намерно, ја оставиле затоа што не ги бива ни за препишување. Значи, нашата седница ја свикуваме ние согласно член 60 од Деловникот – кога претседателот не ја свикува седницата на барање на советниџците тогаш советниците со 15 потписи имаат право да ја свикаат – појасни претходно координаторката на советничката група на СДСМ, Љубица Јанчева.
На седницата присуствува и градоначалничката Данела Арсовска, која пред почетокот на втората седница се јави за процедурално и констатира дека со таков однос на советниците смета дека тенденцијата им е да не се расправа за дивоградбите.
Седницата ја води советникот Никола Пановски, откако најстарата Халиде Палоши од ДУИ, два дена „несериозно исчезна два дена“, појаснуваат советниците, а според правилата откако досегашниот претседател на Совет Трајко Славески, стана гувернер на Народна банка, седници води најстариот советник (во случајов Палоши), а ако не сака, тогаш се бира кој и да е советник.
Арсовска ги обвинува дека советниците на ВМРО-ДПМНЕ, флагрантно го штитат гредоначаникот на Општина Чаир, Висар Ганиу во нивните криминали и јасно било дека тие сакаат да зборуваат само за Сарај.
Се надвикуваат дали воопшто има седница или не. Претседавачот со Советот, Пановски, вели дека треба да се сослуша градоначалничката, која на говорница е со огромен принт од документите со кои докажува криминал на Ганиу, а советниците на ВМРО-ДПМНЕ велат дека не е изгласана оправданоста на седницата, а нивниот предлагач Стефан Кирков не го објаснил предлогот, затоа што му бил одземен зборот.
Арсовска ги искористи своите минути да им укаже на сите дека треба да се гласа да се расправа за Општина Чаир, затоа што биле фалсификувани документи.
Предлагаќот на вонредната седница, на која требаше да се расправа за дивоградбите во Сарај, го повлече предлогот.