Советниците на Град Скопје не дозволија 700 вработувања во јавните претпријатија догодина


Фото: Б. Грданоски

Сите претпријатија што се во надлежност на Град Скопје, бараа нови вработувања според годишната програма за 2024, но градските советници не беа убедени дека се потребни толку.

Зелено светло за вработувања добија само ЈУ ДОМ на културата „Кочо Рацин“ и ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“, кои поради недостиг на вработувања поради пензионирање, морале во некои објекти да работат само во една смена.

Советниците не се согласуваа со барањата на претпријатијата за вработувања поради тоа што повеќетѕо од нив не објасниле ни зошто им требаат новите вработени, како и затоа што во некои се бараат вработувања само во административниот дел.

– Ако ги погледнеме извештаите тоа се, со ретки исклучоци, бирократија. Никаде не пишува зошто се потребни тие вработувања, а барањата се за зголемување на вработувања од 10 до 30 отсто, без пензионерите. Претпријатијата покажуваат непочитување на советниците со тоа што не објаснуваат зошто им се потребни тие вработени, а повлекуваат огромни трошоци – рече советникот д-р Никола Пановски.

Пред него, советникот Малиша Станковиќ рече дека претпријатијата покажуваат огромни трошоци, зголемување на трошоците во однос на лани, поради наводно зголемување на цените на горивата, што според него не е еточно, но и бележат загуби.

– Ако едно претпријатие бележи загуба од 69 милиони денари, од каде ќе исплати плати? – праша Станковиќ.

Тој, за пример го зеде Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ кое има доставено извештаи за својата финансиска состојба до советниците од каде може да се види ако минатата година бележело заработка од 150.000 денари, во овој период бележи загуба 69 милиони денари, ако намалувало трошоци за бензин, во овој период бележи зголемени трошоци за 35 отсто.

– Да тргнеме од времените вработувања, за една година има 70 плус времено вработени што изнесува 7 милиони денари месечно трошок. Како да одобриме 70 нови вработувања, кога претпријатието нема од каде да ги плати? Дополнително, од овие 70 привремено вработени, 53 се од Општина Сарај. Таа Агенција за вработување само работници од Сарај бара? Балансерот само во една насока ли врти? – праша Станковиќ.

Тој смета дека ако „продолжиме со оваа пракса, не само што ќе пропаднат претпријатијата кои се во поочајна состојба од лани, туку ќе го потонеме и градскиот Буџет, оти ќе треба да им дадеме субвенции за да продолжат да работат“.

– Ако ги погледнеме сите брања од Град Скопје и институциите кои се под негова надлежност за следната година се бараат 700-800 нови вработувања. Кој ќе ги плаќа нив? – откри Станковиќ.

Се прикажуваат зголемени трошоци за нафтени деривати, затоа што се зголемила цената, а всушност во овој период цената паѓаше, смета Станковиќ.

– Во извештаите стои службено возило потрошило 1.000 литри бензин. Што вози, тенк? Годишните извештаи се нетранспарентни и се кријат реалните трошоци. Претпријатието „Паркови и зеленило“ има исфрлено шут повеќе од „Комунална хигиена“, а за тоа се троши гориво – додаде тој.

Неколкумина директори или претставници на јавните претпријатија, присуствуваа на денешното продолжение на едницата на Советот, за да ги образложат своите побарувања.

Претставникот од Зоолошката градина во Скопје, појасни дека тие имаат 44 вработени и 12 привремено вработени, кои ги надополнуваат оние вработени кои подолго време се на боледување. Бараше да се дозволи нивно трајно вработување, но советниците не дозволија, гласаа против оваа точка.

Со исто барање на говорница излезе и директорката на ЈП „Лајка“, која потврди дека речиси сите во претпријатието се со привремено вработување, но и таа не доби дозвола од советниците.

Градските советници имаа забелешка и дека барањата за нови вработувања доаѓаат само од директорите на претпријатијата, а Управните одбори тоа не го ни разгледувале. Љубица Јанчева побара, следниот пат кога ќе доставуваат такви барања до Советот, и Управниот одбор да ги има разгледано и да ги одобри.(Б.Б.)