Бурна седница на Советот во Крива Паланка за продажбата на Europe House


Советничката група на ВМРО–ДПМНЕ во Крива Паланка остро реагира на предлогот на градоначалникот Сашко Митовски и одлуката на советничкото мнозинство на СДСМ, на вчерашната седница на Советот, да се продаде општинскиот објект во којшто функционира Europe House. Тоа е единствениот современ младински, образовен и културен центар во Североисточениот регион.

Покрај фактот дека просторот е целосно функционален, секојдневно користен од младите, образовните институции, граѓанските организации, уметничките групи и бројни иницијативи, владејачкото мнозинство одлучи да го отуѓи овој објект без анализа, без јавна расправа и без било каква стратегија за зачувување на јавниот интерес.

На самата седница, координаторот на советничката група на ВМРО–ДПМНЕ, Александар Рангелов, во своето излагање упати јасно прашање до градоначалникот Митовски: „Дали на Вас Ви треба нашата одлука за да може да кажете дека граѓаните, преку нивните претставници, донеле одлука за продажба на Европската куќа?“ запраша тој. Укажа дека јавноста сè уште нема одговори на клучните дилеми: Што ќе се ,случи со Europe House? Дали објектот ќе биде преместен на друга локација и во кој простор? Но, не доби конкретен одговор.

Советникот Јовевски нагласи дека објектот е заеднички имот на кривопаланчани и јасно го изрази ставот на советничката група на ВМРО–ДПМНЕ против негово отуѓување, особено кога станува збор за простор со вистинска европска функција и значење за заедницата. Со оваа непромислена одлука, според него,  се ризикува да се уништи единствениот јавен простор кој обезбедува современи услови за младински активности, образование, култура и граѓанско учество во Крива Паланка

Советничката група на ВМРО–ДПМНЕ ја повика Делегацијата на Европската Унија, како и амбасадорот Михалис Рокас, да се запознаат со случајот и да го увидат влијанието што оваа одлука ќе го има врз функционирањето на Европската куќа, европските програми и младинските иницијативи во регионот.