Совет на Општина Центар донесе заклучок за постапување според член 23 од Законот за урбанистичко планирање
Заклучокот за постапување според член 23 од Законот за урбанистичко планирање беше одобрен на денешната 64-та седница на Советот на Општина Центар. Со донесувањето на оваа одлука, претходно донесените заклучоци за постапување по истиот член, донесени на седниците во декември 2020 година, престануваат да важат.
– Дојдовме до заклучок дека минатиот заклучок, односно измената, оваа е трета, е премногу општ за општината, недоволно јасен за да може да се постапува по истиот и градоначалникот не можеше да постапува и не постапи по истиот, изјави советникот Јон Фрчкоски кој ја предложи точката на која овој заклучок беше предмет на расправа.
Дополни дека смета оти заклучокот треба да претрпи измени со кои не би се нанеле сериозни штети на општината, и, притоа, би му овозможиле на градоначалникот да постапи по него.
– Се задолжува Комисијата за урбанизам формирана од градоначалникот и стручните служби од Секторот за урбанизам, да изготват стручни елаборати за деловите од детални урбанистички планови за кои е неопходна примена на институтот „суспензија на урбанистички план, на негов дел или планска одредба“ согласно членот 23 од Законот за урбанистичко планирање, стои во Заклучокот кој беше одобрен од Советот на Општина Центар. Притоа, се задолжува градоначалникот на Општина Центар-Скопје, да ги достави изготвените стручни елаборати од Комисијата за урбанизам формирана од градоначалникот и стручните служби од Секторот за урбанизам со Барање за давање мислење за суспензија до министерот за транспорт и врски во рок од 20 дена од донесување на овој Заклучок.
На денешната седница беа изгласани и други точки помеѓу кои оние кои веќе беа предвидени на дневниот ред, како што се: Предлог-одлука за давање согласност за згрижување на деца (воспитни групи) во други просторни услови за потребите на Јавнaта установа за деца Детска градинка на Општина Центар „13 Ноември“-Скопје, Предлог-одлука за давање согласност на Правилникот за измена на Правилникот за систематизација на работните места во Јавната установа за деца детска градинка на Општина Центар „13 Ноември“-Скопје, разгледување на Квартален извештај за извршувањето на Буџетот на Општина Центар-Скопје за извештајниот период (кумулативно) за квартал од 1.1.2021 до 31.3.2021 година како и разгледување на Одговор од Агенција за планирање на просторот на Република Северна Македонија.
На денешната седница беше изгласан и Планот за изменување и дополнување на план на програми за развој на Општина Центар за 2021/2023 како и финансиска помош за лекување на Марија Праскова.
Од дневниот ред беше отстранета петтата точка – Разгледување на Барање од Министерството за труд и социјална политика на Република Северна Македонија, бидејќи, по мислење на комисијата, истата треба првично треба да биде доставена до јавното претпријатие, бидејќи се работи за долг што го има МТСП кон ПОЦ.