Совет на Европа: Правилата и чесноста не важат за политичкиот врв во Бугарија


Неефикасната правда, дупки во правилата за луѓето од врвот на владата и зависните медиуми се главни карактеристики за состојбата со борбата против корупцијата во врвот на владата во Бугарија. Ова се заклучоците што ги донесе Групата држави за борба против корупцијата ГРЕКО од Советот на Европа. Документот, објавен денес, ја оценува антикорупциската правна рамка во Бугарија за прв пат од 2014 година. 

ГРЕКО открива многу дупки во државниот систем на Бугарија за борба против корупцијата, кои ја прават неефикасна.Еве неколку примери: неказнивост на извршната власт, отсуство на закон за лобирање, начинот на кој се проверуваат имотните листови на високите функционери,
недостаток на правила за однесување и проценка на ризикот од корупција, неказнивост  за политичките кабинети и советници.

Се посочува дека отсуството на пресуди за корупција на врвот на власта преставува клучна слабост на судството, бидејќи во документот пишува дека „недостигот на ефективен одговор на казнено-правниот систем против корупцијата на високо ниво постојано се истакнува меѓу главните недостатоци на бугарскиот антикорупциски систем“.

Исто така, се препорачува да се зајакне оперативната независност на полицијата, „да се спречи несоодветно политичко влијание врз нејзиното дејствување“, како и воведување „сеопфатна легислатива, за да се гарантира ефективна заштита на лицата кои пријавуваат неправилности“.

Експертите на ГРЕКО утврдуваат дека медиумите зависат од приходите од реклами што им ги обезбедува државата, дека е нетранспарентна распределбата на средствата и има закани и омаловажувања на истражувачките новинари.

Политички врв

Извештајот утврдува дека политичарите во врвот на владата честопати ги занемаруваат правилата што ја регулираат државната администрација. Така, за нив не важи етичкиот кодекс, а нивните имотни изјави се проверуваат само според документите содржани во достапните бази на податоци. Недостигот на правила за избегнување судир на интереси ги става во тешка положба политичарите и функционеритекои добронамерно би сакале да се консултираат дали се во согласност со законот.

Експертите забележуваат дека не постои систем за проверка на интегритетот на функционерите во администрацијата, кои заземаат позиции со висок корупциски ризик. Повисоките позиции се исклучени од етичкиот кодекс за постапување на централната администрација пред 2020 година. Најавуваат дека им било ветено дека тоа ќе се коригира до 1 јануари 2023 година, кога ќе се донесе ваков кодекс за лицата на повисоки јавни функции во извршната власт.

„Со оглед на размерите на проблемот со корупцијата во Бугарија и потребата од зголемување на транспарентноста и отчетноста во централната администрација, недостатокот на важечки правила на однесување за лицата на повисоки јавни функции е сериозен недостаток, кој треба да се разгледа како приоритет “, стои во извештајот. Се препорачува да се воведат сеопфатни правила за етичко однесување и за чесност за државната елита и за техничкиот советодавен апарат, објавување на имињата на советниците на премиерот и другите активности што ги вршат.

Институционална неефикасност

За време на инспекциите на лице место, ГРЕКО откри дека нема јасност за функциите на различните тела кои се борат против корупцијата.Утврдуваат дека Комисијата за борба против корупцијата има многу надлежности, но „таа е целосно неефикасна“. Забелешки има и за постапките за именување на раководството.

Се посочува дека законот за пристап до информации не се применува доследно и дека се заобиколуваат правилата за прелиминарна консултација по предлог-законите, бидејќи им се даваат на пратениците кои се исклучени од барањата за тоа. Недостигот на правила за контакти на претставниците на владата и администрацијата со лобисти или други претставници кои влијаат врз формирањето на државната политика се карактеризира како „важен пропуст“. Авторите на документот додаваат дека добиле уверување дека ваков закон ќе биде предложен до есен.

ГРЕКО смета дека внатрешните инспекторати на институциите не се доволно независни за да откријат прекршоци и неправилности.Слични проблеми има и во МВР, при што внимание се обрнува на тајните донации со кои некои општини се обидуваат да ја придобијат наклонетоста на полицијата, така што се препорачуваат  измени во регулативата за спонзорството и донациите на МВР.

Неефикасноста на судството во гонењето на корупцијата на високите нивоа на власта е системски проблем за Бугарија, се заклучува во извештајот.Во извештајот конкретно се забележува дека наводите за полициска бруталност не се невообичаени, наведувајќи случаи на физичко насилство врз демонстранти и новинари во 2020 година, додавајќи дека „изгледа дека сторителите на овие дела не биле санкционирани, а во некои случаи дури и не биле идентификувани“. 

Распределбата на правдата е незадоволителна

„Тековниот одговор на бугарскиот казнено-правен систем на случаите со корупција, во кои се вклучени лица на високи јавни функции, е незадоволителен и треба итно да се разгледа“, се вели во извештајот на ГРЕКО. Експертите посочуваат дека се сослушани и двете страни – оние кои го обвинуваат обвинителството дека не води проактивни истраги и самото обвинителство, кое се жали на лошо собрани докази и прикривања.

„Истражувачките новинари кои покриваат организиран криминал и корупција често се мета на негативни кампањи, стратешки дејствија против учество во јавноста, закани и некои физички напади, кои се чини дека не се проследени со соодветни правни и политички одговори“, стои во оваа експертиза.

Тие додаваат дека останале со впечаток дека „поплаките за корупциски проблеми во Бугарија не се соодветно рефлектирани во медиумите“ и посочуваат дека политичката определба на членовите на Советот за електронски медиуми„негативно влијае на уредувачката независност на јавните медиуми и независноста на приватните медиуми, кои се загрозени од интересите на нивните сопственици“.

„Политичкото заплашување, како и административниот и судскиот притисок, се среќаваат кај издавачите и новинарите нормално“, се наведува во документот. (Дневник.бг)