Совет


ЛЕЈЛА САБИТ

Во Македонија секој знае сѐ, секој знае повеќе од вас, никој не трпи критики, сите чекаат аплаузи отколку свирежи, сите сакаат гага отколку да платат, да фаќаат сеир отколку сериозен муабет, сите сакаат да делат совети отколку да ги применат, сите сакаат да се ин, отколку аут, да слушаат лажни отколку лоши вести.

Советите се како имиџот и стилот.

Се се врти околу нив.

Или се потценети или се преценети.

За некого се нешто неважно, а за некого с# битно.

Некогаш беа бесплатни, сега да бидеш советник е добро платена функција.

Советите можеш да ги делиш и да ги примаш, некогаш злато вредат, од лоши совети можеш да изгубиш империја, велат Отоманската пропаднала од многу советници, некогаш ќе те направат подобар, а некогаш полош човек.

Предизвикуваат љубомора и озборување.

Грдиот го прават убав. Глупавите паметни. Старите млади. Малите големи. Сељаците граѓани.

Тежок е патот до добар советник.

Ве демнат опасности и многу непознати.

Или ќе ве однесат до врв или на дно.

Не секој го бидува за советник, ниту секој има паметен совет во секое време.

Како да се носиме во корона-криза?

Некој и понатаму ќе мисли само на здравјето, а некој и понатаму ќе тера мода.

Некој ќе почне да штеди, а некој не престанал да троши.

Скромноста или нападноста кај нас очигледно не е состојба на пандемија туку состојба на умот.

Короната за некого е бегство од реалноста, а за некого реалност дека ништо нема да биде исто.

Повеќето ќе се облекуваат спортски, удобно и во патики, а некој ќе го продолжи животот на високи потпетици.

Шминката некој ќе ја сведе на минимум заради маската, ама бидејќи сме контра народ, ќе има има и такви со целосен мејкап со тренерки или премногу дотерани како за вечерен настан.

Поентата е секој да се чувствува убаво како што сака, да не му биде незгодно ако е предотеран на улица, во самопослуга, мол или во болница. Со короната постојано преиспитуваме нови и нови животни лекции и слушаме старо-нови совети!