Состанок на ЗЕЛС за иницијативата центрите за социјална работа да преминат под надлежност на локалната самоуправа


Состанок посветен на разгледување на можностите за децентрализација на социјалните услуги се одржал денеска во просториите на Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС). Се дискутирало за иницијативата центрите за социјална работа да преминат под надлежност на локалната самоуправа. Овој чекор, според ЗЕЛС, се гледа како клучен во насока на подобрување на пристапот и квалитетот на социјалните услуги, како и за зајакнување на координацијата меѓу локалните и централните институции.

Општина Кисела Вода информира дека со пренесувањето на надлежноста, општините би добиле поголема улога во управувањето со центрите за социјална работа, кои и понатаму би функционирале во соработка со Министерството за труд и социјална политика. Тоа би овозможило поконкретен и поефикасен пристап во грижата за граѓаните, особено за ранливите категории.

-Секако дека треба да се одбере модел кој е проверен и базиран врз регионалното искуство. Децентрализацијата на социјалните услуги значи поголема достапност за граѓаните, побрза реакција на институциите и креирање функционален систем кој ќе одговара на реалните потреби на локалното население. Локалната самоуправа е најблиску до граѓаните – затоа таа треба да има клучна улога во грижата за нив, изјави претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски.

На состанокот, покрај  Ѓорѓиевски, присуствувале и заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, градоначалникот на Гази Баба Бобан Стефковски, кој воедно е и претседател на Комисијата за социјални прашања при ЗЕЛС, како и други градоначалници и претставници на локалната самоуправа.