Сопственикот на „Пулс“, со грутка во грлото, вели ја преживува таа трагична ноќ секојдневно


Фото: Б. Грданоски

„Цели девет месеци сум затворен во четири ѕида и постојано ја преживувам таа трагична ноќ“, рече сопсвеникот на дискотеката „Пулс“, Дејан Јовановски, по завршувањето на воведните зборови на неговата адвокатка бранителка. 

„До ден денеска не можам да поверувам што се случи. Цели девет месеци сум затворен во четири ѕида и постојано ја преживувам таа трагична ноќ“, рече Јовановски.

Тој уверува дека доколку знаел би презел сѐ за да обезбеди сигурни услови за одржување на концертот на групата ДНК.

„Зарем сериозно мислите дека доколку би знаел дека фали нешто, не би презел нешто за да се отвори навреме. Во тој клуб има пораснато 10 тина генерации. Сите знаат дека се грижам за сите гости на клубот. Од срце и од душа сакам да изразам сочувство на сите фамилии што изгубија некого, а на повредените брзо опоравување, затоа што и ние во нашата фамилија имаме починато член и повреден член и ја носиме истата болка како и вие што ја носите“, рече Јовановски.

Претходно, неговата адвокатка обвини дека обвинителството се послужило со незаконити мерки, при земањето на втората изјава од Дејан, во април годинава, кога на увид им дале еден записник, а на потпис и печат, што самата го ставила имало додадено реченица која Дејан наводно воопшто не ја изговорил, а се однесува на непостоењето систем за алам за пожар во објектот. 

Од обвинителството на упатија адвокатката доколку се сомнева за таква активност, знае кај треба да пријави.