Сопственикот на „Пулс“ не се чувствува виновен!
Жалам за изгубените животи и кога би можел, животот би го дал за некои од нив! - Ниту еден од обвинетите за пожарот во дискотеката „Пулс“ не се чувствува виновен
Во судницата во Идризово заврши изјаснувањето на обвинетите по однос на вината. Ниту еден од присутните обвинети не призна вина за трагедијата во која загинаа 62 лица.
Сопствениците и вработените во „Пулс“, меѓу кои и првообвинетиот Дејан Јованов – Деко кратко изјави: „Не се чувствувам виновен за кривичното дело кое ми се става на товар“.
Митко Стојанов, поранешниот управител изрази каење, но не и кривична вина: „Жалам за изгубените животи и кога би можел, животот би го дал за некои од нив. Сочувство до семејствата“. Тодор Јованов кој бил задолжен за влезници, и самиот родител на повредено дете во пожарот, рече: „На сите оштетени им посакувам брзо опоравување. Како родител на повредено дете изразувам сочувство, но за оваа трагедија не се чувствувам виновен“.
Актуелниот градоначалник Љупчо Папазов со критика до целиот судски процес, рече: „Ова е конструирано обвинение. Разбирам за што сум обвинет, но не може да се избегне впечатокот дека истрагата е селективна“.
И за поранешниот директор на ДЗС, Шабан Салиу, процесот е „политички мотивиран и правно неоснован“.
Градежниот инспектор Огњан Георгиев рече дека не разбира зошто е таму: „Немам никаква вина и треба да сум ослободен. Обвинет сум само за тука да има повеќе луѓе на број“.
Пазарниот инспектор Весна Кузмановска емотивно посочи: „Дечиња има таму, другари на моите деца… Сочувство, но не чувствувам вина“.
И останатите инспектори и службеници, Љупчо Стаменков, Николчо Гоцев, Зоран Николовски, Беким Максути, Аднан Џафероски сметаат дека не се виновни.
Вработените во обезбедувањето „Рубикон“ велат дека тие спасувале животи.
„Делата кои ми се ставаат на товар не ги прифаќам. Ние како обезбедувачи го ризикувавме нашиот живот за да спасиме што повеќе луѓе“, рече Мартин Ѓорѓиев, а Стојанчо Димитријев жали што не успеал да спаси повеќе луѓе.
Вина негираа и Ивица Грозданов, Јане Јанчевски, како и сопственикот Александар Нацев (чиј предмет беше дополнително споен).
Продолжува судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани