„Сонуваме за свет со повеќе музички инструменти, а со помалку оружје“: Овации за „Кармина Бурана“ со три филхармонии во Солун 


„Сонуваме за свет со повеќе музички инструменти, а со помалку оружје – со овие зборови директорот на Државниот оркестар на Солун, Симос Папанас, синоќа, во концертната сала во овој град во Грција, испрати силна порака пред почетокот на изведбата на кантатата „Кармина Бурана“ од Карл Орф, во чија изведба учествуваа и Македонската и Софиската филхармонија. Овој заеднички настап на трите оркестри, кој беше награден со долги аплаузи и овации, уште еднаш ја покажа моќта на музиката.
 
 
Според постот на ФБ на Македонската филхармонија, „моќта на уметничкото обединување и на креативноста е чекор кон слободата! Изведбата на кантатата ‘Кармина Бурана’ во Солун, уште еднаш ја потврди ненадминливата уметничка сила. Двесте уметници на сцената – оркестарот, хоровите, солистите и диригентот создадоа величествена атмосфера. Во салата се чувствуваше вистинска радост и меѓу музичарите и меѓу публиката, која ги награди уметниците со овации и долги аплауз“.
 
 
Под диригентската палка на Михалис Иконому од Грција, на сцената настапија и хоровите од трите држави, како и солистите, нашата сопранистка Ана Дурловски, бугарскиот баритон Иво Јорданов и контратенорот Николас Спанос од Грција.
 

Професорката Елка Јачева-Улчар од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје, која присуствуваше на настанот во Солун, напиша на социјалните мрежи: „Каков моќен концерт! Каков раскош вечерва среде Солун! Само музиката и уметноста може да изградат толку моќни и цврсти пријателства, колку што никогаш не може политиката!“

Ова е втора изведба на „Кармина Бурана“ по премиерата во Софија во февруари, која беше проследена со овации од публиката. 

„Кармина Бурана“ е едно од најголемите музичко-сценски дела, кое има статус на музички бестселер на 20 век. Со своето извонредно влијание врз слушателите, „Кармина Бурана“ ги освои срцата на сите генерации. Композиторот Карл Орф го создал ова иконично дело, инспирирано од средновековната поетска антологија „Цодеџ Буранус“. Премиерата во 1937 година, во Германија, предизвикала сензација и го означила почетокот на светскиот триумф на оваа кантата.

„Кармина Бурана“ во себе обединува антички текстови, волшебни мелодии и моќни ритми. Вклучувајќи хор, солисти, богата оркестрација и сценско дејство, делото раскажува за кревкоста на човечката судбина, за радостите на пролетта, за бурните љубовни страсти и за задоволствата што ги носи животот. 

Фото: ФБ на Македонска филхармонија