СОНК најави протест доколку не се зголемат платите во образованието


Синдикатот на образованието, науката и културата најавува дека ќе ги активира најрадикалните синдикални мерки доколку веднаш не дојде до зголемување на платите на образовниот кадар.

„Советот на СОНК го прифати барањето на Кабинетот на претседателот на Владата за дополнителен период за преговори од една недела односно до крајот на месец септември. Доколку и по овој период не се излезе со позитивно решение за членовите на СОНК, односно за вработените во основно и средно образование, Советот на СОНК ќе донесе Одлука за понатамошни синдикални активности, не исклучувајќи ги и најрадикалните“, се наведува во заклучоците на Советот на СОНК.

 

– Ние секогаш сме за преговори на маса, но трпението кај дел од синдикалните организации е при крај. Ако не се зголемат платите, не се исклучува можноста да го радикализираме незадоволството, посочува претседателот на СОНК, Јаким Неделков.

Советот на СОНК заклучува дека треба веднаш да започнат преговорите за склучување на нови колективни договори во основното, средното и воското образование и истите што поскоро да завршат.

Зголемувањето на платите, односно нивно усогласување со растот на минималната плата, беше закочено поради двојните избори што се одржаа оваа пролет, па очекувањата беа дека новата Владата ќе го заврши процесот со што вработените во образованието требаше да добијат покачување на платите од 12,5 проценти.

Но новата влада реши тоа да не го стори, односно оваа година наставниците и професорите да не добијат покачување, а тоа да се случи следната година во март каде ќе добиеле покачување помеѓу 10 и 12 проценти.