Сондленд: Трамп ја условуваше воената помош на Украина со истрага за Бајден


САД– Амбасадорот на САД во ЕУ Гордон Сондленд, кој сведочеше зад затворени врати во истрагата за отповикување на претседателот Доналд Трамп, го смени исказот и призна дека знаел дека воената помош на Украина е условена со тоа претседателот на земјата Володимир Зеленски јавно да каже дека отворил истрага за бизнисот на синот на Џозеф Бајден.

Оваа промена во однос на неговото претходно сведочење, кога тој тврдеше дека воената помош и истрагата за Бајден не се поврзани, Сондленд ја појасни со тоа дека неговото сеќавање е „освежено“ кога во истрагата ги слушнал исказите на двајца други сведоци, пренесува „Гласот на Америка“.

Сондленд го преиспита своето сведоштво во транскриптот, признавајќи дека во септември разбрал дека американската помош за Украина е поврзана со јавно ветување од украинските власти дека ќе ја истражат корупцијата во земјата.

Од друга страна, Трамп и неговите приврзаници и натаму ги негираат наводите дека Белата куќа повлекла речиси 400 милиони американски долари воена помош, барајќи од Украина да објави информации што би му наштетиле на Бајден, можниот кандидат на демократите на претседателските избори следната година.