Солунската, софиската и скопската филхармонија заедно ќе ја изведат „Кармина Бурана“
Ова не е првпат, музичарите од балканските земји да реализираат заеднички проект. Во 2000 година, како што се посочува, на иницијатива на Македонската филхармонија се реализираше проектот Балканска филхармонија во која учествуваа музичари од сите балкански земји. Балканската филхармонија одржа три концерти во Скопје.
„Првиот концерт беше во 2000 година под диригентство на маестро Емил Табаков, а беше изведена Бетовеновата Деветта симфонија. Тогаш како солисти настапија Марија Муратовска-Наумовска, сопран од Македонија, Александра Милчева, мецосопран од Бугарија, Мариус Влад, тенор од Романија, и Адријан Ибраими, бас баритон од Албанија. Во изведбата учество земаа и Хорот на Македонската опера и балет, како и Хорот при Македонската радио-телевизија. За првиот концерт за Балканската филхармонија во Скопје беше снимен и долгометражниот документарен филм ‘Радост на животот’ во режија на Светозар Ристевски, кој ја доби и првата награда на фестивалот во Визбаден, Германија, а беше награден и на фестивалот ‘Земјата на виното’ во Калифорнија во 2002 година“, потсетуваат од Филхармонијата.
Во 2001, се додава, се одржа и вториот концерт на Балканската филхармонија, на сцената на Универзалната сала во Скопје на кој беа изведени Симфонијата бр.2 „Барбара“ од македонскиот композитор Властимир Николовски и симфониската поема „Ѕвона“ од Сергеј Рахмањинов. Третиот концерт на Балканската филхармонија се одржа во 2002 година, а беше изведена маестралната Симфонија бр.2 „Воскресение“ од Густав Малер, стои во соопштението.