Солидарниот данок утре на седница на Уставен суд
На утрешната сеница на Уставниот суд, ќе се најде и Законот за данок за солидарност, за кој до судот беа поднесени неколку иницијативи за оцена на неговата уставност, во целина или одделни делови.
Како што појаснија попладнево од Уставен суд подносители на иницијатиите се Финмак ДОО, Скопје преку адвокатско друштво Дебарлиев, Дамески и Ќелешовска, потоа на Стопанска комора на Република Северна Македонија преку адвокат Игор Спировски, на ДТУ ЕТМТ ЕНЕРЏИ ДООЕЛ Скопје, на Стопанска комора на Северо-Западна Македонија Скопје и на Друштво за консалтинг Лански, Ганзгер, Зекири + Партнер ДОО.
Во иницијативите се оспорени Законот за данок за солидарност во целина и посебно делот: „или 2021 година“ од член 6 став 14 од истиот закон.
Во иницијативите меѓу другото се тврди дека има повреда на член 52 став 3 од Уставот или начелото за објавување на законите, односно членот 16 од Законот предвидел истиот да влезе во сила со денот на објавувањето со што директно се задира во интересите на голем број лица, а vacatio legis требало да изнесува најмалку 8 дена, како рок кој е најсоодветен на природата на Законот, односно рокот за објавување треба да биде подолг, а не пократок, сметаат подносителите.
На овој начин засегнатите лица не само што немаат можност да се запознаат со содржината на Законот, што е уставно загарантирано право, туку и не се во можност да поднесат даночна пријава на 25 септември 2023 година (обврска од член 8 од Законот, доспена со денот на објавување) и да ги обезбедат потребните парични средства, се наведува во иницијативата.
Подносителите сметаат дека Законот е спротивен на членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Во иницијативите се наведува дека оспорениот закон стапи во сила на 25 септември 2023 година и произведува ретроактивно дејство кое во никој случај не е поповолно за граѓаните, односно во овој случај компаниите. Напротив, според нив, Законот ја нарушува правната сигурност, деловната политика, планирањето на буџетот на компаниите, нивната ликвидност, планираните и идни инвестиции, се доведува во прашање нивното опстојување, со што директно се засегаат граѓаните и нивните работни места во компаниите опфатени со Законот.
Во иницијативата се нагласува дека сите мерки за ублажување на кризите се усвојуваат за време на кризна состојба, а не откако истата ќе заврши. Се појаснува дека содружниците веќе ја распределиле добивката за финансиската 2022 година, но доколку Законот немал предвидена ретроактивна примена или пак бил предмет на јавна и транспарентна законодавна постапка, со оставено време за подготовка за такво плаќање, компаниите не би се довеле до состојба да ги менуваат спроведените деловни планови и инвестиции. Во овој случај им била одземена можноста разумно да одлучуваат за распределбата на добивката и се поткопува стабилноста на Друштвото и неговото управување.
Според подносителот со Законот се повредува и член 52 став 4 од Уставот, пред се затоа што со воведена давачка во 2023 година се опфаќа добивката од 2022 година што е ретроактивно оданочување кое се коси со постоечката даночна регулатива и обврската за изготвување на финансиски извештаи од цитираните одредби од Законот за трговските друштва.
Се наведува дека со овој закон директно се повредуваат принципите на правичност, еднаквост и пропорционалност, кои се основни начела на кои се темели законот. Во една од иницијативите се наведува дека Законот има дискриминирачка основа за компаниите основани во 2021 година наспроти другите компании.