Софија сега тврди пред Стразбур дека ОМО „Илинден“–Пирин никогаш не поднеле точни документи за регистрација

Во најновиот поднесок на властите од Софија до Комитетот за човекови права на Советот на Европа (СЕ), односно во извештајот за дејствувањето, според пишувањето на „Нова Македонија“ стоело дека правичната отштета досудена од Судот е целосно исплатена.
Сега Софија се повикува на воведувањето „нов механизам за регистрација во 2018 година“ и на чекорите за обезбедување на неговото правилно функционирање, вклучувајќи ги и неодамнешните мерки за издигање на свеста за да се гарантира дека секое евентуално ново барање за регистрација од страна на здруженијата подносители ќе биде испитано во согласност со барањата на конвенцијата. Тие посочуваат дека, и покрај тоа што се законски застапени, „подносителите на барањето никогаш не поднеле точни документи, што би можело да укажува на недостиг од вистинска волја за добивање регистрација и намера за политичка злоупотреба на процедурите“.
Тие се повикуваат и на две регистрации на слични организации во 2019 година – Граѓанско здружение за заштита на основните индивидуални права (распуштено) и „Антички Македонци“, што според нив покажува дека е можно да се постигне успешна регистрација. Еден од сегашните подносители бил вклучен во распуштеното здружение. Здружението „Антички Македонци“ е основано, меѓу другото, од лица што биле меѓу „подносителите на барањето и актерите“ во случајот „ОМО ’Илинден’–Пирин против Бугарија“, кој потекнува од „вистинското ОМО ’Илинден’, кое претрпе многу промени“. Сè уште постои, но не пријавило никакви активности.