Софија се скара и со Белград, српскиот амбасадор повикан во бугарското МНР


Српскиот амбасадор во Софија беше повикан во Министерството за надворешни работи поради, како што се оценува, антибугарското и на моменти расистичко однесување на српскиот професор на универзитетот во Белград, Драган Симеуновиќ, кој е в.д. Директор на Националната агенција за безбедност во српскиот главен град.

„На 5 мај 2021 година, амбасадорот на Србија во Бугарија, Жељко Јовиќ беше повикан на итен состанок во Министерството за надворешни работи со директорот на Дирекцијата за Југоисточна Европа, Дејан Катрачев. Повод за средбата беа изјавите на Драган Симеуновиќ, професор на Факултетот за политички науки на Државниот универзитет во Белград и в.д. директор на владината Академија за национална безбедност. Бугарската страна оцени дека неговите изјави се јасна манифестација на јазик што влева трајна омраза кон Бугарија и Бугарите. Беше истакнато дека ваквите јавни изјави се целосно неприфатливи и се спротивни на добрососедските односи и пријателството меѓу двата народа. Бугарската страна очекува соодветна реакција од српските власти и институции“, соопштило Министерството за надворешни работи за БГНЕС.

БГНЕС потсетува дека во ТВ-емисијата „Српски свет“ Симеуновиќ повеќепати ги нарекувал Бугарите „зверови што убиваат сè пред себе“. Во интервјуто тој исто така вели: 

„Бугарите се познати по своите злосторства, кои ги правеа каде и да стапнат на земја. Германците само убиваа, додека Бугарите и нивната војска се потсмеваа на жртвите. Тие имале и тим за силување. Вообичаена практика била да се прободуваат деца со бајонети од пушки и да се силуваат жени пред нивните роднини.Бугарите вадеа  бебиња од утроби на бремени жени и потоа ги гореа живи. Да не ја заборавиме бугаризацијата исто така. Тие убиваа свештеници и наставници во Србија, а потоа воведуваа бугарско образование во училиштата“.

Според него, Бугарија продолжува да бара територии во Србија во близина на градот Крушевац и ја обвинува Србија за геноцид врз Бугарите во средниот век. Во ТВ емисијата Симеуновиќ неколку пати го употребил терминот „примитивни“  за соседите на Србија.

Во разговорот, тој исто така го нарекува „голем српски херој“ Коста Печанац, кој убил десетици бугарски цивили во Босилеград. БГНЕС исто така потсетува дека на крајот на ноември 2019 година српскиот амбасадор во Софија бил исто така повикан во бугарското МНР по повод скандалозната изјава на претседателот на парламентарниот комитет за Косово, Милован Дрецун, дека Бугарија масовно ја шпионирала Србија.

Ивица Дачиќ исто така ја обвинил Бугарија за сторени „сериозни фашистички злосторства“. Дачиќ, потсетува БГНЕС,  беше долгогодишен портпарол на диктаторот Слободан Милошевиќ и министер за надворешни работи во последните неколку години откако Александар Вучиќ стапи на должноста. Само пред два месеци, на  провладината Пинк телевизија, Дачиќ прашал  „дали српската јавност воопшто е запознаена со намерите на Бугарија“ во регионот.