Софија очекува ефикасна истрага за инцидентот со навивачите


Бугарското Министерство за надворешни работи

 

Официјална Софија, преку Министерството за надворешни работи, попладнево ги осуди инцидентите од 27 јули 2023 во Скопје, во кои беа повредени бугарски државјани, навивачи на фудбалскиот клуб „Левски“, а еден од нив беше прободен.

Во соопштението се наведува: „Жалиме што позитивниот и спортски дух на натпреварот помеѓу ‘Левски’ и ‘Шкупи’ беше нарушен со акти на агресија надвор од фудбалскиот терен. Очекуваме надлежните органи во Република Северна Македонија да ги преземат неопходните активности за ефикасна истрага и спроведување на правдата во врска со сериозниот инцидент“.

Покрај тоа, пишува дека ранетиот бугарски државјанин моментално е во стабилна, но тешка општа состојба и се опоравува по операцијата во болница во Скопје. Претставници на бугарската амбасада се во постојан контакт со повредениот сонародник и неговите роднини, како и со локалните здравствени власти.

Во соопштението на Министерството за надворешни работи не се спомнува дека бројни навивачи на „Левски“ нападнале полицајци пред Градскиот стадион. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска изјави дека една група од навивачите кои дошле од Бугарија се однесувале насилно кон припадниците на македонската полиција. „Приведени се вкупно 21 лице, од кои 19 бугарски државјани и двајца македонски државјани кои се приведени и биле дел од навивачката група на ‘Шкупи’“, рече Спасовски.

Утринава, Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека ги издало сите потребни наредби и насоки за идентификација на лицата кои учествувале во инцидентот во Чаир.

Оттаму соопштија дека според првичните сознанија, до настанот дошло додека навивачи на „Левски” со две возила со бугарски регистарски ознаки се движеле во близина на трговскиот центар „Чаирчанка”, каде влегле во вербална расправија со случајни минувачи и граѓани.

„Бугарските навивачи ги запреле возилата и излегле од нив, по што вербалната расправија преминала во физичка пресметка со група граѓани кои излегле од околните објекти. При враќање во автомобилот, 29-годишен бугарски државјанин бил повреден со остар предмет во абдоменот. Кај него е констатирана тешка телесна повреда и е хоспитализиран. По извршена хируршка интервенција, тој е во стабилна состојба. Со цел утврдување на идентитетот на граѓаните кои учествувале во настанот и кои според првичните сознанија не биле дел од локална навивачка група, како и целосно расчистување на настанот, подигнати се траги од лице место кои ќе бидат предмет на вештачење“, велат од обвинителство.

Обезбедени се видео записи од околните објекти и од камерите на системот „Безбеден град”, а се преземаат и други дејствија.