Софија не сака да се меша во измените на македонскиот устав, појаснува бугарскиот премиер

Бугарскиот премиер го демантира својот министер за надворешни работи по неговата изјава дека Софија сака да биде консултирана при измените на македонскиот устав.
„Бугарија не сака да се меша во внатрешните работи на Република Северна Македонија. Уставните измени и носење други закони секоја држава треба да ги решава согласно внатрешната практика. Не е точна интерпретацијата дека ние сме сакале да учествуваме во тој процес“, изјави бугарскиот технички премиер Галаб Донев во интервју за бТВ.
Донев потсети дека земјава презела ангажман да ги вклучи Бугарите во Уставот заедно со сите останати наброени народи, со што, како што рече, ќе им бидат гарантирани нивните права.
Според него, нормално е Македонија да ја исполни преземената обврска, којашто не е само кон Бугарија, туку кон сите земји членки на ЕУ. „Затоа што Република Северна Македонија, потпишувајќи го договорот за присоединување и отпочнување преговори со ЕУ, го потпиша тој договор со сите земји членки“, рече Донев.
На прашањето дали Бугарија треба да стави повторно вето на Северна Македонија за членство во ЕУ, Донев рече дека тоа не е најправилното решение, туку треба да се бара позитивен дијалог и патишта за да се приближат позициите.
Шефот на бугарската дипломатија, Николај Милков ,вчера на брифинг за новинари се поправаше во однос на неговата претходна изјава и рече дека „процесот на промена на Уставот секако е внатрешна работа на Република Северна Македонија“, но нагласи дека „Бугарија нема да прифати никаква формулација со која на македонските Бугари ќе им се додели статус што на кој било начин е различен од оној од другите уставно признати делови од народите во Република Северна Македонија“.