Собранието утре ќе продолжи со работа по 50. седница


Фото: Б. Грданоски

Пратениците попладнево расправаа по точките од 50.седница при што ја завршија расправата по предлог-законот за дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај, по скратена постапка, за кој ќе се гласа дополнително. Ја почнаа и расправата и по Предлогот на завршна сметка на Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година.

Со дополнувањата на законот се воведува можност во исклучителни ситуации да се предвиди начин на кој ќе продолжи континуирано да тече процесот на полагање на испитите за учество на возачите во меѓународниот патен сообраќај, испитите на возачите за превоз на опасни материи, испитите за управители и овластени лица одговорни за превоз и др. По исклучок, во случај кога единствениот електронскиот систем за полагање на испитите не е во функција како резултат на настани кои не можеле да се предвидат, а поради крајна итност за да не дојде до застој во континуираното вршење на превоз на патници и стока во меѓународниот патен сообраќај, се предлага испитите да се спроведат во хартиена форма, односно писмено во Министерството за транспорт и врски.

Во текот на расправата пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ посочија дека неможноста испитите за професионални возачи кои што не се спроведуваат електронски  од април 2021 година, е резултат на лошото менаџирање од страна на Министерството за транспорт и врски и затоа што сеуште не е завршен судскиот спор за софтверот кој се користи за испитите, а кој е изработен од поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски за 400.000 евра, што е, како што рекоа, пример за кражба и организиран криминал. Тие забележаа и дека законот се носи задоцнето бидејќи расправата на матичната собраниска комисија е завршена во септември, а дополнувањата се носат после шест месеци.

-Носиме закон за дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај затоа што не можете да ги предвидите криминалите што ги правеше пред вашите очи вашиот генерален секретар на Влада. Треба да им се помогне на овие луѓе кои останеле без сертификати и можност да полагаат за истите, затоа што испит за овие сертификати не е одржан од март 2021 година, а месечно има по 350 возачи што се пројавуваат да полагаат за овие испити, рече пратеникот Мирче Аџиоски.

Реплицираше заменик – министерот за транспорт и врски Беким Реџепи кој истакна дека веќе нема проблем со одржување по електронскки пат на испитите за професионалните возачи, а дека измената на Законот предвидува само по исклучок во слуќај на објективни пречки одржување на испитите во писмена форма.

Во досегашниот дел од расправата за Предлогот на завршна сметка на Буџетот за 2020 година  дебатираа пратеници од опозицијата, кои обвинија дека во година на криза и пандемија, тогашната Влада  наместо домаќински и одговорно да управува, спровела промашени економски мерки кои не ја постигнале целта, ја зголемила задолженоста на државата од 50 на 60 проценти од БДП. Бројките во Извештајот, како што посочија,  не одговараат на реалната состојба, како што е со вредноста на БДП споредено со податоците од Државниот завод за статистика, поради што завршната сметка за 2020 година треба да биде повлечена и коригирана.

Расправата по оваа точка од 50. седница продолжува утре. На дневен ред на седницата се и измените и дополнувањата на законите за минерални суровини, за Државен пазарен инспекторат, за јавни претпријатија, за земјоделство и рурален развој. Пратениците ќе расправаат и по годишниот извештај за работењето на Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување во 2020 година, финансиските извештаи на Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување во 2020 година, извештајот за реализација на годишната програма за работа и развој на Агенцијата за цивилно воздухопловство за 2020 година, годишниот извештај за работењето на Агенцијата за супервизија на осигурување за 2020 година, финансиските извештаи на Агенцијата за супервизија на осигурување за 2020 година и годишниот извештај за состојбата и движењата на осигурителниот пазар во Македонија во 2020 година.