Собранието ќе гласа за намален број на потписи за независните – 0,95 отсто станаа 0,5 отсто


Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците на денешната седница ги проследни на натамошно постапка во Собранието измените и дополнувањата на Изборниот законик, откако претходно го усвои амандманот од Левица – кога подносител на листа на кандидати за пратеници е група избирачи, да биде потребно да се соберат најмалку 0,5 проценти потписи од запишаните избирачи во изводот на Избирачкиот список на изборната единица (ИЕ. Предложеното решение предвидуваше собирање потписи 0,95 проценти од запишаните избирачи.

Пратеникот Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ, како и на пленарната седница и на седницата на Комисијата истакна дека со ова решение се прават напори да биде пополнета правната празнина по одлуката на Уставниот суд за укинување на членови од Изборниот законик каде што е предвиден број/процент на потписи за предлагање листи на група избирачи, за да се воведат одредени јасни правила за собирање потписи за кандидатури за градоначлници и советици од страна група избирачи за да бидат фер и еднакви условите во секоја општина поддеднакво.

Тој истакна дека за нив е прифатлив амандманот поднесен од Левица и оти и со негово прифаќање не се менува целта на предложеното решение, а тоа е да се утврдат јасни, фер и демократски услови за претстојните избори. Овој амандман го поддржаа и членовите на Комисијата од СДСМ и коалицијата.

 

За ова законско решение позитивно се изјасни и Законодавно-правната комисија и го усвои поднесениот амандман, по што ќе биде изготвен дополнет Предлог на Законот. Откако двете комисии го проследија на натамошно читање во Собранието и откако ќе биде изготвен дополнет предлог на измените и дополнувањата на Изборниот законик, тие повторно ќе се најдат на пленарна седница каде треба да бидат усвоени.

Претходно измените и дополнувањата на Изборниот законик добија подршка на собраниска седница да бидат усвоени во скратена постапка.Предлагачи на измените и дополнувањата се пратениците Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ, Бобан Карапејовски од ЗНАМ и Саранда Имери Сафаи од коалицијата ВРЕДИ. 

Со предложеното законско решение, се дефинираат и интернет порталите согласно Законот за медиуми, со што, според него, би се регулирала и регистрацијата на електронските медиуми во платено и политичко рекламирање.

-Бидејќи процесот за донесување апликации до ДИК е почнат, а има одредени реакции од ваквиот вид медиуми, ќе интервенираме и со амандман за истата одредба да важи од 11-ти 2026 година. Со ова може да дозволиме на сите електронски медиуми кои учествуваат во платеното политичко рекламирање на овие избори да имаат еднакви права и услови а подоцна да бидат регулирани, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Со овој закон се врши и усогласување со Законот за организација и работа на органите на државната управа.