Собранието ја изгласа интерпелацијата на Коцевски, СДСМ се огради – немала правни последици
За да биде разрешен Коцевски,, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ треба да поднесе предлог до Советот на јавни обвинители, кој треба да даде позитивно мислење

Пратениците во Собранието ја изгласаа интерпелацијата на републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски. За неа гласаа 71 пратеник, при што никој не беше воздржан или против, што покажува дека за неа освен Левица како предлагач, гласало и парламентарното мнозинство. СДСМ пред расправата се огради бидејќи според нив гласањето нема да има правни последици, поради што и не учествуваа во гласањето.Со ова одлуката за следните чекори останува на самиот обвинител – дали ќе поднесе оставка или ќе продолжи да ја извршува функцијата. За да биде разрешен, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ треба да поднесе предлог до Советот на јавни обвинители, кој треба да даде позитивно мислење и на крај, Собранието со мнозинство од пратениците, да го разреши.
-Интерпелацијата во принцип значи барање политичка одговорност а овде зборуваме за човек од третата власт. Третата власт или судската власт која по Устав треба да биде независна. Тоа од една страна. Од втора страна тоа може но и не мора да има правни последици. Дали ќе има правни последици зависи од самиот обвинител, од самиот функционер. Во овој случај од самиот обвинител, дали ќе поднесе оставка или не, изјави Јован Митрески од СДСМ.
Според него, целата расправа не се одвивала според законската процедура.
-Ако точката на дневен ред беше одлука за разрешување тогаш можеше да отвориме дебата дали сме задоволни или незадоволни од работата на обвинителот, секако низ соодветно пропишана процедура. Процедурата е пропишана во членот 63 став три од Законот за Јавно обвинителство каде јасно стои дека Советот на јавни обвинители мора да даде позитивно мислење за разрешување. Значи тоа не е формално туку е законска обврска. Фактички врз основа на таа дебата, кога би имало точка за разрешување, врз основа на аргументите во таа дебата се носи одлука за или против разрешување на јавниот обвинител.
Како пратеничка група на СДСМ и Коалицијата остануваме на принципиелниот став дека јавното обвинителство мора да биде независно, ослободено од политичко влијание и притисок и сите одлуки мора да се послобото на законот и никако поинакви.Секако во Собрание може да се отворат и други дебати. Може да зборуваме и за конзистентноста во политичките ставови.
Знаете дека премиерот Мицкоски зборуваше дека треба да се смени Јавниот обвинител и дека, цитирам, таа процедура е тргната и нема сопирање. Пое трагичниот настан во Кочани знаете дека има промена на изјавата односно дека нема да има разрешување се додека не заврши истрагата.Со тоа што премиерот Мицковски отиде и чекор понатака кажа дека е задоволен од тоа како се води истрагата. Затоа со ова нивна одлука која што денес ја слушнавме на прес-конференција се отвораат прашања кои се легитими, меѓутоа јавноста за тоа ќе добие одговор во следниот период.Се поставува прашањето дали премиерот Мицковски е задоволен од истрагата, бидејќи нема одговор до денес, од тогаш кога во истрагата не се опфатени началниците на Тошковски.
Се поставува прашање дали целта на ова, секако во понатамошна постапка, во понатамошен тек е вовед во целосен упад во судството. Се поставува прашање дали заради ова не се донесе Законот за обвинителство кој да потсетам е дел од реформската агенда? Се поставува прашање дали целта е да се донесе на крајот и партиски обвинител? Или се поставува прашањето дали крајната цел е вовед во целосна партизација на судството?
Тоа се легитимни прашања кои ќе се остварат а јавноста ќе добие одговор во следниот период.
Денес на седница не го видов присуството на обвинителот, секако тоа сакав да го направам од собраниската говорница. Затоа дозволете од оваа салата се обратам директно до обвинителот.Почитуван обвинител, ние во претходниот мандат сме ви дале доверба заради вашата биографија и искуство. Но, еве и ве критикуваме јавно и гласно за одредени постапки. За тоа јавноста е сведок. Вие господине јавен обвинител го водите најголемиот, најтешкиот предмет за најголемата трагедија во поновата историја на Македонија. Тоа е огромна трагедија случај со пожарот во Кочани.Граѓаните, сите ние очекуваме вистинска правда, вистинска а не селективна правда.Затоа господине обвинител од вас зависи дали после гласањето за оваа интерпелација ќе бидете со штитот или на него. Одлуката е ваша.
Ние како пратеничка тупа на СДСМ и коалицијата нема да учествуваме во нешто коешто нема или не мора да има правни последици, порача Јован Митрески, координатор на СДСМ.
Во интерпелацијата на Левица доставена до претседателот на Собранието Африм Гаш, е наведено дека ја поднесуваат поради непочитување на уставните и законските обврски.
-Интерпелацијата ја засноваме на следниве индиции, факти и правно-релативни наводи: селективни кривични истраги за трагедијата во Кочани, логистички влијанија врз работата на Јавното обвинителство, функционален хаос во Вишото јавно обвинителство-Скопје, непостапување по службена должност за дивоградбите на урбаната мафија во Скопје, се вели во интерпелацијата.
Додаваат дека од почетокот на мандатот на јавниот обвинител Коцевски „во Јавното обвинителство владеела нефункционална и токсична атмосфера, неажурност во постапките, а забележани биле и надворешни политички влијанија врз неговата работа“, за што сметаат дека е одговорен Коцевски.
Инаку, Коцевски во писмениот допис што го испрати минатата недела како одговор на барањето за интерпелација, посочи дека интерпелацијата е недозволена согласно закон, фактот што подносителите без никаков аргумент бараат негова одговорност, покажува дека оваа интерпелација е политички, а не правно заснован инструмент со кој се овозможува упад во самостојноста на Обвинителството. Практично, тоа е можна најава дека не ја прифажа и нема да си поднесе оставка.
-Постапката за одговорност на јавниот обвинител на РСМ е уредена со Законот за јавното обвинителство и не предвидува можност за политичка одговорност каква што е интерпелацијата. Тоа е така за да се гарантира функцијата јавен обвинител кој раководи со единствен и самостоен орган, независен во постапувањето и одлучувањето. И покрај тоа, на интерпелацијата ѝ се дава третман како на секоја друга постапка за одговорност на политички функционер, што покажува недоволно разбирање на подносителите за самостојноста на третата власт, пишува Коцевски во писмениот допис до пратениците.
Независно од тоа, државниот обвинител во продолжение на документот дава одговор на четирите точки кои Левица ги наведе како клучни причини за поднесената интерпелација – селективност во истрагата за пожарот во Кочани, политичко влијание во работата на Обвинителството, функционален хаос во Вишото јавно обвинителство Скопје и непостапување по службена должност за дивоградбите во Скопје.
Во однос на обвинувањето за селективност во истрагата за Кочани, и за невклученост на актуелни функционери во неа, Коцевски вели дека Обвинителството постапува исклучиво врз основа на доказите кои ги има, а притоа осомничените не ги дели по партиска, етничка или која било друга припадност.
-Се постапува за сите за кои се обезбедени докази – и против сопствениците и поврзаните лица со дискотеката, и против обезбедувањето, и против сите одговорни лица во неколку институции кои со своето постапување или непостапување овозможиле таа дискотека да работи толку години. Се постапува и против припадници на МВР, високи полициски функционери, и тоа не во ‘предистрага’, како што неточно се наведува во интерпелацијата, туку во фаза на истрага во рамките на која тие активно се истражуваат и им се определени мерки на обезбедување. Во уште неколку други институции и за други лица продолжуваат и натаму дејствија додека не ја испитаме целосно линијата на одговорност, посочи Коцевски.
Вели дека не само што не се чувствува одговорен, туку дека е горд на работата на обвинителскиот тим кој за кратко време успеа да прибере голем број докази за случајот за кој рече дека очекува фер и непристрасна судска постапка во која ќе се докаже дека обвинетите го сториле кривичното дело кое им се става на товар.
Во однос на втората точка од интерпелацијата, за политичко влијание врз него од страна на премиерот Христијан Мицкоски, кое се постигнало со наводен политички договор со запирање на постапката за негово разрешување, Коцевски вели оти во ниту еден момент не постоел таков обид за политичко влијание. Посочува дека постапката за негово разрешување, која беше на иницијатива на Владата е онолку неоснована колку што е и оваа интерпелација.
-Недостатоците во неа се наведени и во најновиот специјален извештај на Европската комисија за состојбата со владеење на правото во нашата земја, така што нејзиното запирање треба да е очекуван потег, а не некаква форма на ‘договорно мотивирана одлука преку ноќ’, како што се наведува во самата интерпелација. Јас од првиот момент на поднесување на иницијативата за разрешување до денес најодговорно тврдам дека не сум сторил никаква дисциплинска повреда која би била основ за таква постапка. Тоа го потврди и Советот на јавните обвинители кој даде негативно мислење за иницијативата за мое разрешување, вели Републичкиот јавен обвинител.
Осврнувајќи се на третата точка од поднесената интерпелација, која се однесува на, како што наведуваат од Левица, функционалниот хаос во Вишото јавно обвинителство Скопје, Коцевски вели дека токму констатираните состојби во ова обвинителство биле повод за тој да иницира дисциплинска постапка против шефот на обвинителството и уште еден вработен во институцијата. Додава дека дисциплинската комисија, која е целосно независен орган, таа иницијатива ја прифатила едногласно, повела постапка, ги испитала сите докази, носејќи едногласна одлука дека двајцата навистина сториле тешка дисциплинска повреда.
-По однос на одредените санкции не би коментирал, бидејќи одлуката се уште не е правосилна, но факт е дека во прв степен им се изречени најтешките санкции кои за ваква повреда се предвидени во Законот за јавното обвинителство. Каде е тука мојата одговорност? Дали требало да ги одмолчам пропустите и нестручноста со кои преку повлекување жалби и откажување од обвинение е нанесена штета на буџетот? Дали требало да одмолчам за нарушените меѓучовечки односи за кои одговорен бил шефот на Вишото јавно обвинителство Скопје и за кое против него се води и кривична постапка? Јас избрав да не молчам и директно да го повикам на одговорност секој јавен обвинител за кого ќе констатирам дека непрофесионално и нестручно ја врши својата функција, вели Коцевски, додавајќи дека состојбите во ова обвинителство веќе се подобруваат.
За наводното непостапување по службена должност за дивоградбите во главниот град, државниот јавен обвинител вели дека Јавното обвинителство има оформено предмети и по допрен глас и по поднесени кривични пријави за дивоградби во Чаир, но и во други општини и градови во државата. Дел од нив, како што вели, се во предистрага, дел се во фаза на истрага, за дел е поднесено обвинение, а за некои има и судски постапки и одлуки.
За наводите за дивоградби во Чаир кои ги изнесе градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, вели дека се оформени два предмети по нејзини пријави – едниот во ОЈО Скопје, другиот во ОЈО ГОКК.
-По двата се постапува во предистражна постапка, во рамките на која се дадени детални наредби на надлежните институции од правосудната полиција да обезбедат докази за проверка на наводите. Тука би го нагласил и вториот факт, а тоа е употребата, односно повеќе злоупотребата на терминот ‘допрен глас’, предвиден како можност не само за јавниот обвинител, туку и за другите надлежни институции да оформуваат предмети врз основа на јавно слушнати наводи и информации за сторено кривично дело. Овој инструмент Обвинителството го користи во ситуации кога институциите надлежни за откривање на кривичните дела не си ја вршат својата работа и во случаи кога квантумот на јавно објавени информации е доволно голем за да овозможи основано сомнение за извршено кривично дело и сторител. Инаку, секој што во рамките на извршување на своите службени должности дознал дека е извршено кривично дело има законска обврска тоа да го пријави, додава Коцевски.
Државниот јавен обвинител на крајот на писмениот допис до пратениците апелираше на отфрлање на интерпелацијата која, како што вели, нема ниту еден законски основ и воопшто не би смеела да биде поднесена. Со нејзино отфрлање, додава тој, се заштитува институцијата јавен обвинител и неговата самостојност гарантирана со Уставот и законите.