Собранието го донесе новиот Деловник за работа, пратениците на Левица ја оштетија салата

Само двајца пратеници, оние од Левица, беа „против“ новиот Деловник на Собранието, а се обидоа да направат и инцидент


Фото: Б. Грданоски

Собранието во рамки на 131. седница вечерва со 83 гласа „за“ и двајца „против“ го донесe новиот Деловник за работа на Парламентот, што ќе се применува од наредниот собраниски мандат. Новиот Деловник е резултат на неколкугодишни разговори меѓу пратениците од овој и минатиот парламентарен состав во рамки на „Жан Моне“ процесот.

За новиот Деловник гласаа пратениците од владејачкото мнозинство предводено од СДСМ, пратениците на ДУИ, на ВМРО-ДПМНЕ, на АА и сите други, освен двајцата пратеници на Левица.

Денешната седницата беше три пати прекинувана, а пратениците од Левица бараа таа да биде прекината и предизвикаа инцидент со расфрлување на листовите од нивните амандмани, а пратеникот Борислав Крмов искрши дел од инвентарот од претседавачката маса – компјутер, телефон и слично. Пратениците од Левица имаа поднесено над 2.000 амандмани, а претседателот на Собранието и предлагач на Деловникот рече дека прифатливи се само 12 додека за другите кажа дека се неосновани.

Инцидентот што го предизвикаа пратениците на Левица се случи на првото продолжение на седницата, а нивното негодување и противење на одлуките на Џафери и Собранието продолжи и на следните заседанија.

Пред последната дадена пауза пратеникот Димитар Апасиев повторно побара прекинување на седницата и со чевла удираше по амандманите. Апасиев исто така упати навреди кон присутните пратеници од владејачкото мнозинство и опозицијата и констатира дека од денеска во Собранието не постои парламентарна демократија.

Гневните пратеници на Левица направија инцидент во Собранието, му се нафрлија на Мисовски (Видео)

-Бидејќи не знаеме за кој амандман станува збор, не знам како да се произнесам и затоа ќе си поќутам за да оддадеме едноминутно молчење на демократијата,  едноминутно молчење за парламенталната демократија во оваа Собрание, истакна Апасиев.

Пратеникот Борислав Крмов исто така настојуваше седницата да биде прекината по што му ја зеде картичката за пријавување во системот на потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, кој ја води седницата и истури кутија со листови пред него. Откако тој разговараше со него, повторно ја прекина седницата за половина час.

Според Џафери, кој е предлагач на новиот Деловник, тој е неопходен, бидејќи, како што вели, кој и да работи по стариот, ќе си има проблеми.

– Со новиот Деловник треба да се решат многу недоречености и проблеми што произлегуваат од сегашниот Деловник, но и да се направат одредени ограничувања, како при носењето одредени закони, така и при избори на одредени функционери – вели Џафери.

Деловникот предвидува ограничување на амандманската расправа на пет дена во редовна постапка, на три дена во скратена постапка и на два со европско знаменце. Ограничувања се воведуваат и при  поставувањето на пратеничките прашања, а му ги зголемуваат ингеренциите на претседателот на Собранието, кој ќе може да ги преиспитува референдумските иницијативи, како и можност да не верифицира мандат на пратеник избран на избори.

Претседателот на Собранието Џафери поради штетата што настана при денешниот инцидент рече дека следното продолжение на 131. седница ќе се одржи во салата со Купола, како и сите останати до санирање на штетата.