Собранието ги донесе измените и дополнувањата на Законот за акцизи


Собранието попладнево, во рамки на 23 седница, ги усвои измените и дополнувањата на Законот за акцизи и на Законот за културата и ја донесе Одлуката за именување претседател и членови на Комисијата за заштита на конкуренција.

Пратениците го усвоија и Законот за ратификација на Договорот за финансирање на повторното воспоставување заедничка постојана поставка во блокот 17 на Државниот музеј Аушвиц-Биркенау. 

На седницата беше оценето дека се прифатливи и дека може да се дадат на натамошно, второ читање: Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Централен регистар на население, Предлог-законот за учебници во основно и средно образование, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за електронско управување и електронски услуги, Предлог- законот за изменување на Законот за финансиска дисциплина, Предлог-законот за изменување на Законот за административните такси, Предлог-законот за изменување на Законот за даночна постапка, Предлог-законот за изменување на Законот за издавачката дејност, Предлог-законот за изменување на Законот за употребата на македонскиот јазик, Предлог-законoт за изменување и дополнување на Законот за аудиовизуелните добра, Предлог-законот за Националната рамка на квалификации и Предлог-законот за престанување на важењето на Законот за основање национална агенција за нуклеарни технологии,…. 

Собранието на натамошно, второ читање проследи и повеќе предлог-закони од областа на културата: Предлог-законот за изменување на Законот за прогласување на Старото градско јадро на Битола за културно наследство од особено значење, Предлог-законот за изменување на Законот за прогласување на Старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење, Предлог-законот за изменување на Законот за филмската дејност, Предлог-законот за изменување на Законот за заштита на културното наследство, Предлог-законот за изменување на Законот за музеите, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за прогласување на Старата скопска чаршија за културно наследство од особено значење, Предлог-законот за изменување на Законот за прогласување на старото градско јадро на Кратово за културно наследство од особено значење, како и Предлог-законот за изменување на Законот за прогласување на споменичката целина Kрушево за културно наследство од особено значење.

Во тек е расправата по останатите точки од вкупно 65-те кои се на дневен ред на 23. седница.