Собир за поддршка на Северна Македонија пред Француската амбасада во Софија


Илустрација

Демонстрации против одбивањето на Франција да го поддржи почетокот на преговорите со Северна Македонија ќе се одржaт пред француската амбасада во Софија.Настанот беше објавен на Фејсбук како „Европска иднина за Македонија – светско бдение“.

Учесниците објавија писмо кое ќе го предадат во амбасадата, а е адресирано до францускиот претседател Емануел Макрон. Во него тие пишуваат дека на Европа и треба стабилен, кохезивен и европски Балкан и дека отсуството на Европа од овој регион значи дека ќе влезат други сили непријателски настроени кон неа.

„Не некој друг, туку вие велевте: „Во Европа ќе одиме напред со оние што сакаат да одат напред. Ние нема да прифатиме компромис за нашите вредности со оние што сакаат да останат во периферијата на историјата.“ Кој покажа голема волја и храброст да оди напред, ако не сегашните лидери во Северна Македонија и нејзините граѓани? Ако не бидат наградени за ова, Европа ќе ги изгуби нивните срца. Верувајте ни, овде на Балканот најважно е да ги освоите срцата на луѓето – нешто што противниците на Европа одамна го разбраа и го користат вешто.

 

Како граѓани кои се восхитуваат на културата и она што Франција го даде на светот, ние веруваме дека вашата земја отсекогаш била моторот и водачот на Европа. Очекуваме да не се откажете од оваа улога, повторно размислувајќи за вашата позиција за Република Северна Македонија и изнаоѓајќи начин да дадете поттик на ЕУ и на стабилноста. Сега не се знае зошто е подигната Триумфалната порта во центарот на Скопје … Можеби ве чека вас? На Европа и требаат водачи, а вие можете да бидете новиот Де Гол. Освоите ги срцата на граѓаните на Северна Македонија и ќе се радувате во вистинска победа – победа за сите европски граѓани„, стои во писмото.