Со задоцнување од две години се реконструираат детските игралишта во Центар


Општина Центар започна со целосно реконструирање на детските игралишта во општината.

Целосно е реконструирано детското игралиште во Градски ѕид блок 2 во близина на Зелениот пазар. Игралиштето доби нови реквизити и реконструирани кровни и подни површини додека просторот каде се изведуваат реконструктивните работи е изведен согласно европските стандарди за квалитет, безбедност и одржливост.

 „Изградба на модерни и функционални детски игралишта и креирање нови рекреативни зони се еден од приоритетите за најмладите жители во Општина Центар. До крајот на 2023 година планирана е целосна реконструкција на детското и спортското игралиште во Капиштец, како и реконструкција на детското игралиште во Градски ѕид блок 3“, изјави Герасимовски

Преку вложување во детската игра Општина Центар придонесува за правилен психо-физички развој и среќни деца.

Инаку, Општината во јули 2021 година најви реконструкција на девет детски игралишта во општината.

Игралиштето кај „Зебра“ (Фото: Независен)

„ Комплетна реконструкција е предвидена за игралиштата во дворот на ООУ „Ј.Х. Песталоци“, на улицата „Партение Зографски“ на Водно, во објектот Бели Мугри на детската градинка „Кочо Рацин“, игралиштето на ул. „Владимир Полежановски“, позади Универзалната сала и игралиштето во ООУ „11 Октомври“. Во наредниот период се предвидува и санација на уште четири други детски игралишта: на плочникот зад поранешна „Агромеханика“, во паркот „Капиштец“, игралиштето зад ТЦ „Зебра“ и детското игралиште во населбата Пролет.

Вака изгледа веќе 4 години игралиштето кај „Зебра“ (Фото: Независен)

Како што тогаш соопшти Општината, за овие активност издвоиле вкупно 10 милиони денари, средства од општинскиот буџет, со кои ќе се покријат сите трошоци за реконструкцијата на игралиштата.

Во август истата година општината ги реконструира детските игралишта во општинските основни училишта „Јохан Хајнрих Песталоци“ и „11 Октомри“.

Игралиштето кај „Зебра“ (Фото: Независен)

Во ноември 2021 година пак, градоначалникот Горан Герасимовски заедно со општинските служби, направија кратка обиколка и извршија увид во состојбата на постоечките игралишта и повторно ја најавија акцијата за реконструкција.

Активностите за реконструкција ќе ги опфатат детските игралишта кај поранешна „Агромеханика“, Градски ѕид Блок 9, игралиштето кај „Трготекстил“, ООУ „Гоце Делчев“ и сите останати кај кои ќе се утврдат поголеми оштетувања. ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ ќе добие ново детско игралиште, а на барање на граѓаните, се разгледува можноста за отворање на уште еден влез, кој ќе води до мини-парк во училишниот двор.