Со возила за колбаси се носат вакцините низ Бугарија


Вест број еден денес во Бугарија не беше пристигнувањето на вакцините туку фактот дека по многуте изјави колку треба да биде безбеден нивниот превоз и какви се услови треба да бидат исполнети, тие што беа препратени во другите градови беа превезувани со комбиња за кренвишли и колбаси, а во Пловдив биле сместени во фрижидер стар околу 40 години, а единствено што му фалело бил катанец. 

Како што јавија бугарските медиуми, Бугарија денес доби  9.750 дози кои биле прифатени за складирање од страна на државното претпријатие „Бул Био“, а потоа некои од нив биле препратени во Пловдив и Бургас. Вакцинацијата ќе започне утре во овие два града, како и во Софија. Пренесувањето на вакцините во Пловдив и Бургас било организирано со комбиња за транспорт на кренвишли и колбаси, што наиде на потсмев и шегачење на социјалните мрежи.

Компанијата „Бела Бугарија“, која е сопственик на комбињата, реагираше на тоа со соопштение во кое порача дека во ваква криза и со ваква ситуација, хуморот е несоодветен. 

„Како одговор на барање од ‘Бул Био’ нашата компанија обезбеди бесплатен  транспорт на вакцини во специјализиран ладилник“, соопшти компанијата. Тие додаваат дека нивните возила ги исполнуваат најсовремените европски барања.

„Тие се опремени со најсовремена опрема за ладење, поддржувајќи специјални режими на температура, сензори, термограф, итн. Високиот квалитет на услугите за ладен транспорт на компанијата е гаранција за целосно почитување на условите за брз и квалитетен транспорт на вакцината до точките низ целата земја“, категорични се од „Бела Бугарија“.

„Ние веруваме дека во услови на досега невидена криза во која се наоѓаме во моментов секој е должен да придонесе за нејзино надминување, без оглед на спецификите на неговите активности. Ситуацијата е комплицирана и затоа хуморот е несоодветен“, заклучи компанијата.