Со високо кренати главици кромид во рацете отворен 15. МакеДокс“


Со традиционалниот поздрав, високо кренати главици кромид во рацете на целата екипа и сите волонтери што работат на фестивалот, синоќа во Куршумли ан беше отворено јубилејното 15-то издание на фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“. Со мото „Копање емоции низ времето“, фестивалот се одржува од 15 до 22 август во Куршумли ан, Музеј на Македонија, Сули ан, МКЦ и новиот простор „Лабораториум“ во Скопје.

– Годинава „МакеДокс“ го посветуваме на архивските материјали и нивната употреба во документаристиката. Бројните архивски филмски наслови годинава се доказ дека имаме од што да учиме, ако сакаме. И дека само ако го чуваме сето она што е запишано и меморирано, ќе можеме одново да ги читаме, да ги толкуваме и да ги користиме новите приказни – рече Дарко Набаков, извршен директор на фестивалот.

Објектот Куршумли ан, фестивалско гнездо на „МакеДокс“ во Старата скопска чаршија, беше исполнет до последното столче. Присутната публика со искрен и долготраен аплауз ги поздрави екипата и волонтерите на „МакеДокс“.

– Фестивалот „МакеДокс“ слави 15 години, благодарение на многубројните пријатели, на кои сме им особено благодарни што успејаа да ја разберат и поддржат нашата идеја сите овие години. „МакеДокс“ е тука за вас и поради вас, драга наша публико, на која сме неизмерно благодарни што сте тука со нас – рече Сара Ферро, раководител на индустри програмата на „МакеДокс“.

Филмската програма на 15. „МакеДокс“ почна со филмовите „Како се мери годината?“ (САД, 2022, 29 мин.) на Џеј Розенблат и „Целулоидно подземје“ (Обединето Кралство / Иран, 2023, 80 мин.) на иранскиот автор Ехсан Кошбахт. По филмските проекции, во рамки на музичкиот сегмент „Ноќни приказни“, се одржа концерт на Зарина Првасевда, вокален изведувач и музичар со единствена и алтернативна форма на презентација на македонската, балканската и светската традиционална музика. Вечерта заврши со диџеј-сет на Ишјан твин доцна во ноќта.

Целосната програма може да се пронајде на официјалната веб-страница на „МакеДокс“ (www.makedox.mk), а може да се симне и фестивалската апликација.