Со што заслужи Израел да биде стратешки партнер на Македонија?

Сега е јасно дека не било инцидент гласањето против Палестина во Обединетите нации


Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски деновиве престојува во Израел во прва ненајавена посета. Освен што дестинацијата изнервира многумина, изненадија и најавите што ги даде таму, поточно главната – дека Македонија го прави зајакнувањето на стратешките односи со Израел приоритет на својата надворешна политика. 

Во интервју за „Џерусалем пост“, што со еден ден задоцнување беше пренесено кај нас, Муцунски соопшти дека има за цел „да ги подигне веќе одличните односи со Израел на следно ниво“.  Какви односи и за што – не прецизираше, нафрлајќи како и вообичаено општи фрази, дека ќе се стреми да ја прошири соработката во областите од одбраната и инвестициите од туризмот до управувањето со водите.

Со оглед на имиџот на актуелниот режим во Израел и со оглед на типот на односи што ги развиваат идеолошките сојузници на нашата влада од регионот – најавите покренаа лавина од реакции во земјата. Од најгрубата: Какво искуство ќе пренесе од Израел во земјата – како да се убиваат цивили вклучувајќи жени и деца, па до таа дека за првпат Македонија се нашла на погрешна страна од историјата. Од оваа дистанца се гледа и каква била реторичката, а каква реалната политика на оваа влада која криејќи се зад ЕУ и НАТО спроведува агенда која нема врска со европската надворешна политика, гласајќи за резолуции, како што призна неделава премиерот Христијан Мицкоски, понекогаш и со политичка цена за државата и според американските (а не македонски) интереси – вклучувајќи го и спротивставувањето на резолуциите со кои се бараше крај на геноцидот во Газа и независност на Палестина.     

Муцунски  интервјуто за „Џерусалем Пост“ го даде по разговорите со министерот за надворешни работи Гидеон Саар, инаку осомничен воен злосторник кој е против постоење на палестинска држава, кој сесрдно се залага за анексија на Западниот Брег и за илегална воена окупација на територии во Сирија и Либан. Додека тој се поклонуваше во музејот на холокаустот целиот свет пренесе фотографија од налудничав еврејски доселеник кој со голем чекан уриваше палестински споменик, додека палестински семејства се држат под опсада, за да немаат вода за пиење и храна. И не само што имаше средба со него, туку Муцунски му се обрати директно со името Гидеон, имплицирајќи поголема блискост од протоколарната. 

„Имавме многу силни односи со Израел, но и со Гидеон, во последните неколку години.Мислам дека оваа посета е можност да се помести билатералниот однос на следното ниво, да се поместиме од местото каде што сме сега, што се одлични билатерални односи, кон кон тоа тој однос да се развие во различни области од меѓусебно значење“, рече Муцунски за израелскиот весник. 

Откако на почетокот на независноста Израел беше сеприсутен во Македонија, по некои матни епизоди се дистанцираше од внатрешните случувања. Сега, благодарејќи на ВМРО-ДПМНЕ се враќа на голема врата, како стратешки сојузник за Македонија, по САД и Велика Британија, иако никој точно не знае со што ќе ја заслужи таа позиција и зошто во ваков политички момент Македонија треба да ја дели со него цената за злосторствата. Искуството од соседството може многу да разјасни околу оваа тема. 

Во моментов Израел има многу развиени односи во одбраната со Грција и со Србија, пред се на штета на Турција со која е во отворен конфликт. Со Албанија исто така развива односи во одбраната, а во Словенија активно учествуваше во обидот да се врати Јанез Јанша на власта, преку наводно приватна компанија која беше обвинета за упад во изборите и  странско мешање, до таа мерка што тогашната влада бараше интервенција од Брисел.    

Претходната влада на Словенија ја забрани продажбата на оружје на Израел за време на војната во Газа, го стави Нетанјаху на црната листа и јавно го осуди  нападот врз Иран. Пред изборите почнаа да циркулираат видеа покажувајќи четворица помошници на премиерот Голоб како наводно разговараат за нелегални методи за добивање јавни договори. Сите четворица ги негираа обвинувањата, а  словенечката разузнавачка служба потврди дека видеата биле фабрикувани. Во центарот на тој скандал беше израелската приватна разузнавачка фирма „Блек Кјуб“.

Оттогаш партијата на Јанша е на власт во Словенија, а Љубљана веќе се експонираше во улогата на Виктор Орбан во ЕУ – поткопувајќи ја европската реакција на поделбата на Западниот Брег , сигнализирајќи дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху има нов внатрешен човек во Брисел. Практично, Јанша почна да го отплаќа својот долг кон Израел што е повторно на власта. 

Со оглед на тоа дека и Македонија се подготвува за избори ( се подготвува и Србија, можно е и Албанија) ова искуство може да е една од причините на Муцунски да прави стратешки сојузник од Израел. Практично најголемите скандали во Македонија се поврзани на некој начин со израелски софтвери за прислушкување, за следење и слично, така што нивната „експертиза“ е непроценлива за влади како нашата и таа на Вучиќ, било во однос на фабрикување на видеа, мапирање на интереси на гласачите, фалсификување на резултатите…За тоа нема подобра референца од фактот дека Нетанјаху никако не можат да го симнат од власта во Израел.  

Со оглед на тоа дека Македонија има стратешки договор со САД за одбрана и набавките се синхронизирани од НАТО,  буџетот не е во таква кондиција да купуваме системи за заштита на небото, а дронови може да правиме и со Украина, не е јасно ни што сака Муцунски со соработката во одбраната, а уште повеќе зошто при огромни зделки со Грција во Тел Авив воопшто би губеле време со Македонија. Договорите со Грција тоа најдобро го илустрираат.

Она што е контроверзно  е дека зближувањето со Израел отвори тема во Атина – дали преку продажбата на оружје од Грција на Саудиска Арабија Израел практично ги контролира воените акции на Ријад, бидејќи софтверот е од израелска компанија? Тоа би можело да значи и дека Грција може воено да ја контролира Македонија (во не дај боже ситуација) преку израелскиот софтвер во оружјата купени во Тел Авив?   

Во април, Грција се согласи да потроши 650 милиони евра за 36 ракетни артилериски лансери, прецизно водени ракети со дострел до 300 км, муниција што се движи низ земјата и 10-годишен пакет за поддршка од најголемиот производител на оружје во Израел, „Елбит Системс“.Во август, Атина купи оклопни возила во вредност од 1,5 милиони евра од израелскиот производител „Шладот“, надоградувајќи се на претходниот договор со грчката полиција за стекнување на робусните возила што често се гледаат во медиумското известување за окупираниот Западен Брег.Грција, исто така, планира да копроизведе тешко детектиран подморски шпионски дрон, „Синиот кит“ со компанијата „Израел Аероспејс Индустрис“. За критичарите на партнерството, привлечноста на израелската воена технологија е неразделна од нејзината употреба во геноцидната војна на Израел врз Газа и децениите окупација.

„Израелската индустрија за оружје го должи својот успех на својата способност да го тестира  врз Палестинците, докажувајќи преку овие бескрајни човечки лаборатории, изјави Јар Даган, предавач по меѓународно право на Универзитетот Мидлсекс за „Мидл Ист Ајс“.„Која друга земја може да докаже дека го тестирала своето оружје врз илјадници луѓе на илјадници локации?“- додаде тој.

Употребата на вештачка интелигенција од страна на Израел во Газа е застрашувачка исто така. Израелските компании го проширија своето присуство во одбранбениот сектор на Грција за да можат да аплицираат за финансии за одбранбениот сектор на Европската Унија. Партнерството, според грчки медиуми,  се проширило и на технологијата за надзор. Израел одобрил продажба на софистициран шпионски софтвер како што се Predator и Pegasus на Грција и Мароко, а можеби и на Кипар. Според истите проценки, се верува дека софтверот содржи технолошка задна врата што потенцијално му овозможува на Израел дипломатски да има корист од пристапот до пресретнатите комуникации. Сепак, Грција поради растечката стратешка вредност на партнерството е подготвена да ја плати политичката цена, која сега се манифестира и преку јавен гнев поради геноцидната војна на Израел врз Газа. Обичните Грци и Кипрани се плашат и од меката колонизација од израелски доселеници бидејќи веќе има примери каде што израелските инвеститори го блокирале пристапот до брегот или до цели села по нивните купувања на имоти.

Владата на Србија исто така рапидно ја јакне соработката со Израел  во одбраната,  но голем дел од тоа завршува како српски извоз на оружје  од над стотина милиони евра годишно. Сепак, Белград почна разговори за купување на израелски ракети од долг дострел и за заедничко производство на дронови, а мултуимилионски договор за купување оруже од Израел има и Албанија, и покрај поддршката за Газа. 

За Македонија, која со децении ја поддржуваше независноста на Палестина и која нема интерес малите држави да се бришат со сила како со гумичка, што го прави Израел сега со Палестина, посетата на Муцунски има и висока политичка цена. Освен што е политички неморална, нема ни поддршка во јавноста и отвора сериозни сомнежи што стои зад ваквите сојузништва, особено поради нетранспарентноста на Владата и манирот да се однесува кон државата како кон свој приватен имот.    

„Освен тоа што самата посета на држава обвинета за геноцид пред Меѓународниот кривичен суд му штети на меѓународниот углед на Република Македонија, Муцунски најавува унапредување на билатералните односи, продлабочување на соработката и потпишување неколкумина документи. Таков е образецот на работа на Владата на Република Македонија која се подлабоко се вмешува и дава широка материјална и морална поддршка на докажани криминалци на светската политичка сцена кои отворено најавуваат, извршуваат и прославуваат воени злосторства. Муцунски, кој одбивањето на Декларацијата за признавањето на независноста на палестинската држава поднесено од Левица во Собранието, го оправда со „нераководење со емоции“ во надворешната политика и македонските меѓународни интереси, алудирајќи на наводна опасност на емпатијата која македонскиот народ ја изразува кон Палестинците,очигледно затајува во изразување елементарни емоции при својата тековна посета, како што се одвратност кон џелатите и убици на цели семејства вклучувајќи и деца“, реагираа вчера од Левица. 

Реагираа и од здружението „Сите за Палестина“ нарекувајќи го Муцунски „министер-поддржувач на геноцид“.

„Муцунски денес повторно остварил средба со неговиот колега од геноцидниот ентитет израел (веќе престанавме да броиме колку „стратешки“ средби сред геноцид има остварено, но изгледа се чувствува одомаќинет).На средбата уште еднаш биле утврдени „одличните билатерални односи и заедничката подготвеност за нивно натамошно продлабочување“. Велат ќе има поконкретна соработка во економија, одбрана, одбранбена индустрија, сајбер-безбедност, здравство, земјоделство и туризам.

За каква економија зборуваме? Онаа во која луѓе не можат да врзат крај со крај додека стотици илјади партиски послушници џаболебарат на грбот на народот?

За каква одбрана зборуваме? Онаква каква што практкува вашиот ценет партнер, со изживување врз, и изгладнување невини деца?

Одбранбена индустрија? Сајбер-безбедност? Мислите следење, застрашување и психичка тортура со беспилотни летала?

Здравство? Кое здравство, тоа што не е спремно да изреагира на малку поголема катастрофа? Здравство каде со месеци не може да се добие термин? Или она каде млади квалитетни кадри си заминуваат бидејќи немаат врски да се вработат?

Земјоделство? Геноцидното што ништи маслинови полиња и автохтони билки или ова нашево (гуглај македонија земјоделство и читни ги најновите вести).

И за крај туризам? Дали под туризам мислите угостување воени криминалци кои, изморени од убивање гладни, боси, жедни, изнемоштени и немоќни луѓе, одат да се одморат најчесто на езеро или море?

Крвави ви се рацете.Не во наше име, порачаа од „Сите за Палестина“.

Реакции имаше многу повеќе и практично за првпат Муцунски доби публицитет што ја следи оваа функција бидејќи за првпат оваа недела јасно потврдија, и тој и Мицкоски, каде ја водат Македонија. (С.Ј.)