Со резолуција за Илинденско востание ќе се смирува „хистеријата“ на ВМРО-ДПМНЕ


Фото: Б. Грданоски

 

Целта на најавената резолуција за Илинденското востание е, меѓу другото, да ја намали „хистеријата на опозицијата“, најавија од СДСМ за документот кој се уште се подготвува и се очекува да биде објавен утре во Собранието, кога ќе стратува и расправата за уставните промени.

Потпретседателот на СДСМ Стефан Богоев вели дека поводот за Резолуцијата е 120-годишнината од Илинденското востание, а целта е, како што вели, да се потврди недвојбениот став на владејачката коалиција за статусот на Илинденското востание и неговото значење за македонскиот народ.

„Не е целта тоа да предизвика кавги или поделби, и да биде алиби на некои мрачни сили на бугарска страна. Поентата е да биде таа со позитивен тон за значењето на Илинденско востание. Нема да дозволиме тоа да биде резолуција која би предизвикала реакција од друга страна или слично. Целта и е да се скрати просторот на опозицијата за ширење на хистерија и лажни вести на темата, кои се непотребни и само внесуваат несигурност кај граѓаните, и неизвесност во целиот процес кој што е исто така непотребен, “ вели за Радио Слободна Европа Стефан Богоев.

Најавата за донесување на Резолуцијата во пресрет на празнувањето на 120 годишнината од Илинденското востание дојде веднаш по веста за бугарското Собрание за, како што е наречна „Декларација за Илинденското-Преображенско востание“ предложена од пратеници. Станува збор за говор на тројца пратеници во Собранието за одбележување на годишнината од, како што тие го нарекуваат, Илинденско-преображенско востание кое Бугарија го одбележува на 20-ти јули.

Владејачката СДСМ очекува резолуцијата да биде прифатена од сите политички партии. Но, од опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Алтернатива велат дека ќе оценат дали ќе ја поддржат откако ќе ја прочитаат.