Со премиера на „Риголето“ отворени Мајските оперски вечери


Со премиера на операта „Риголето“ од Џузепе Верди, синоќа во Националната опера и балет беше отворено 53. издание на Мајските оперски вечери. Операта се одржа под диригентската палка на Џанлука Мартиненги, а режисерот е Пјер Франческо Маестрини од Италија.

-Италијанскиот режисер Маестрини постави филмски динамична, драматуршки прецизна инсценција, збогатена со импресивна сценографија на Гилермо Нова и автентични костими на Кристина Ачети. Баритонот Леон Ким, во насловната улога, маестрално го отслика циничниот, но ранлив дворски шут, носејќи ја драмата од саркастична леснотија до болна очајност, соопштија од НОБ.

Како што посочуваат, сопранистката Ана Дурловски во улогата на Џилда, ја освои публиката со кристално чиста линија и емотивна длабочина, особено во аријата „Caro nome“. Тенорот Марио Баг, како Војводата од Мантова, внесе раскошен шмек и техничка леснотија, а басот Игор Дурловски во улогата на Спарафучиле додаде мрачна тежина на драмата. 

-Хорот при МОБ, подготвен од Јасмина Ѓорѓеска и Ѓурѓица Дашиќ, моќно одекна во масовните сцени, заокружувајќи ја музичко‑драмската целина. Последните акорди ја оставија публиката без здив, а бурните стоечки овации траеја неколку минути, велат од институцијата.

Пред почетокот на настанот, свое обраќање имал директорот на НОБ, Оливер Арсовски, кој ја нагласил мисијата на оваа институција – да ја чува високата уметничка репутација и да ја проширува публиката преку иновативни, но естетски верни постановки на класичниот репертоар.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова во своето обраќање пред почетокот на настанот, потсетила дека културата е столб на националниот идентитет и мост кон светот. 

-Во фоајето беа забележани амбасадори, министри и бројни културни работници. Возбудлива атмосфера се чувствуваше и пред камерите и во живите преноси на социјалните мрежи. Овој друштвен и медиумски интерес најави дека 53‑тото издание на Мајските оперски вечери ќе биде еден од културните врвови на годината. Доколку остатокот од програмата го одржи овој уметнички интензитет, 53‑тото издание се заканува да биде едно од највпечатливите во историјата на MOB, а публиката, домашна и странскасо нетрпение ќе го очекува следното поглавје на овој културен бисер, се вели во соопштението на НОБ.