Со премиера на „Орестија“ вечер ќе почне 18. ИФАД „Стоби“


По двегодишна пауза, од вечерва  до 17 август ќе се одржи 18. Интернационален фестивал на античка драма „Стоби“. Фестивалот ќе биде свечено отворен во 21 часот во Теодосијанската палата во Стоби со премиера на тричасовната претстава „Орестија“ – копродукција меѓу велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ и Националната опера и балет.

Првпат на сцената во земјава се поставува „Орестија“ на Есхил.  Претставата ја потготвуваа четворица режисери, двајца кореографи, тројца композитори.

Како што информира Сашо Димоски, селектор на фестивалот и в.д директор на велешкиот театар, претставата е изградена од четири претстави, оригиналните три трагедии, кои ја сочинуваат трилогијата,  заедно со сатирската игра која била загубена.

 За потребите на оваа продукција е реконструирана. Ја обновивме според нацртите кои ги имавме и  таа е некој вид сврзно ткиво, кое ги поврзува трите трагедии во една целина, информира Димоски.

Во претставата учествува и дел од хорот, дел од балетскиот  ансамбл на НОБ, како и дел од  актерите на велешки театар.

Евица Тасеска-Каранфилова, програмски директор на НОБ, посочи дека се вклучиле  во проектот иако  драмата  не им  е основна форма на изразување.

-Сепак, решивме да влеземе во експеримент  и заедно со велешки театар да создадеме маркантно уметничко дело. Втора причина зошто учествуваме  е да бидеме лидер во создавање  меѓуинституционални соработки, за вака комплексни дела да бидат изведени и кај нас, појасни Тасесла-Каранфилова.

„Орестија“ ќе се одигра во локалитетот Стоби, на просторот од Теодосијанската палата, со присуство на 200 гледачи.

Амфитеатарот и оваа година се реконструира, па поради безбедноста на гледачите, пронајден е алтернативен простор за претставата.

Првиот дел на „Орестија“ – „Агамемнон“ е во режија на Александар Ивановски, музиката е на Калиопи Букле,  вториот дел „Надгробно жртвување“ е во режија на Ненад Витанов, музиката е на Енес Беговски, кореограф е Олга Панго. Третиот дел од трилогијата „Фури“ е во режија на Софија Ристевска Петрушева, драматург е Билјана Крајчевска,  кореограф Саша Ефтимова, избор на музика  на Сашко Костов.

Сатирската игра која ги поврзува трите трагедии е во режија на Дејан Дамјановски, драматург е Катерина Момева, кореограф Саша Ефтимова, изведувач на музиката во живо е Сашко Костов. Костимограф на сите четири дела е Раде Василев.

Фестивалската програма на 18 ИФАД „Стоби 2021“ предвидува двананесет настани кои ќе бидат реализирни на неколку локации.

Официјалната селекција,  под мотото „Нови ритуали“,  обединува шест претстави: освен вечерашната премиера на „Орестија“ има  и  „Орестија 1/4″, дел од проектот „Chorus“, продукција на МКЦ Скопје, „Протеј, парче сеќавање кое недостасува“, исто така дел од меѓународниот проект „Chorus”, продукција на Театар Ам Ленд од Грац, Австрија, „Бахки, краток преглед на распадот“ – продукција на НТ Битола, „Исмена“, техничка копродукција на НТ „Џинот“ од Велес; „Едип: коментари“ – премиера на НУЦК „Ацо Шопов“ од Штип. Фестивалот ќе биде затворен со претставата „Отело“, копродукција меѓу „Перипетија“, МНТ и НП Зеница која ќе биде изведена во чест на лауреатите. Селектор на годинешното издание на фестивалот е Сашо Димоски, директор на театарот „Ј.Х.К. Џинот“.

Гостите од Народно позориште од Бања Лука (БиХ) со претставата „Дервишот и смртта“, го откажале во последен момент учеството поради ковид-состојбата.

Покрај официјалната селекција, во рамки на годинашното издание на ИФАД „Стоби“ ќе биде промовирана и фестивалската публикација „Нова античка драма“, издание на „Полица“, ќе биде поставена изложбата „Вита“ од Филип Петковски, а во соработка со Кинотека на Македонија на паркингот кај велешкиот театарна отворено ќе биде прикажан циклус филмови на Бранко Гапо.

Програмата на ИФАД „Стоби“ годинава ќе се реализира на археолошкиот локалитет Стоби, во театарот „Ј.Х.К Џинот“ во Велес  и во „Шато Сопот“.

  Интернационалниот фестивал на античка драма Стоби е дел од годишната програма за работа на Народниот театар Јордан Хаџи Константинов – Џинот, а покрај Министерството за култура и Општина Велес, фестивалот е помогнат и од компании.

За разлика од досега, наградите за режија, претстава во целина и за машка и женска ролја нема да биде статуетка „Менада“, туку по еден дијамант од „Божиновски“ .  За наградите ќе решава жири во состав: Васил Зафирчев, Кети Борисока – актери и  Розе Трајчевска – костимограф.

 Билететите за изведбите на фестивалот се веќе во продажба на билетарницата на театрот по цена од 200 денари, а годинава нема организиран бесплатен автобуски превоз од Велес за Стоби и назад.

Фестивалот е подржан од Министерството за култура и Општина Велес која годинава организацијата на фестивалот, со одлука на Советот, му ја даде на велешкиот народен театар