Со предвременото отплаќање на долгот ќе плаќаме помалку камати, вели министерот за национална економија и финансии на Грција
Зошто го отплаќаме долгот предвреме? За да плаќаме помалку камати и да создадеме поголем фискален простор за граѓаните и за раст. А, пред сè, за да не ѝ ја пратиме сметката на следната генерација, објави на Икс министерот за национална економија и финансии на Грција Кирјакос Пиеракакис, во однос на одлуката на Владата предвремено да се отплатат речиси 13 милијарди евра, јави дописничката на МИА од Атина.
Министерот за финансии во видеото со кое ја придружува својата објава, објасни дека за секоја една милијарда евра што се отплаќа добиваат околу 30 милиони евра годишно од камати, посочувајќи дека од 52,9 милијарди евра кредити што произлегуваа од првиот меморандум, до крајот на 2025 година предвреме отплатиле половина, односно 26,5 милијарди евра.
– Годинава предвреме отплаќаме 12,8 милијарди евра и само од овие заштедуваме 370 милиони евра годишно. Односно, 2,6 милијарди евра во период од седум години. Што вели опозицијата? Опозицијата вели: зошто овие пари не им ги давате на граѓаните? Одговорот е очигледен. Затоа што тоа не е возможно. И тие го знаат тоа. Европските правила не дозволуваат овие пари да се претворат во мерки за поддршка. Но, можат да ги намалат долгот и каматите што ги плаќаме секоја година, објасни Пиеракакис.
Додаде дека сето ова во пракса значи поголем фискален простор за поддршка на граѓаните и раст., како и поголема слобода за земјата, за да може самостојно да ја креира својата политика.
– За да престанеме да бидеме една од најзадолжените земји во светот и најзадолжената земја во Европа. И, секако, за никогаш повторно да не им ја испратиме сметката на нашите деца. Нашата генерација го презеде товарот и нема да ѝ го предаде на следната, посочи министерот.