Со победата на Дуда популистите во Полска имаат целосна власт


Анджеј Дуда се потпираше на владината машинерија и јавниот сервис кој застана целосно зад него во кампањата

Сегашниот претседател ги доби најнеизвесните избори во последниве 30 години. Провинцијата и малите градови ја надгласаа либералната Полска од големите градови

 

ВАРШАВА – Претседателот Анджеј Дуда од Полска официјално во понеделникот вечерта тесно го освои вториот мандат на најнеизвесните претседателски избори од крајот на комунистичкото владеење во 1989 година, според изборната комисија на земјата, иако резултатите сепак би можеле да бидат оспорени на суд ако неговите противници тврдат дека правата на избирачите биле повредени.

Дуда ќе може да продолжи по патот поставен од конзервативната националистичка влада која се бори да ги контролира судовите и медиумите, истовремено наметнувајќи страв од геј луѓето, Европската унија, странците и, неодамна, од Евреите.

Изборната комисија на земјата соопшти дека со сите преброени гласачки ливчиња, Дуда освои 51,03 отсто од гласовите, а неговиот ривал, либералниот градоначалник на Варшава, Рафал Тржасковски 48,97 проценти.

Марчин Матчак, уставен експерт, кој ги критикуваше промените во судскиот систем, рече дека судовите би можеле да се вклучат доколку има тврдење за повреда од која било страна, и дека не би било тешко за ниту една страна да се најде основа да го стори тоа.

Тржасковски, рече тој, може да укаже на пречки за гласање во странство заради пандемијата на корона вирусот и употребата на јавна телевизиска пропаганда против него.

Тесниот пораз беше горчлива загуба за противниците на владата и Тржасковски, кој не беше ниту кандидат кога изборите беа одложени во мај заради корона вирусот, но постави сериозен предизвик против актуелниот претседател, кој имаше поддршка од државната телевизија и важни црковни водачи.

Со следните парламентарни избори на програмта во 2023 година, реизборот на Дуда обезбеди владејачката партија Право и правда, која го контролира Собранието, да може да продолжи да ја преобликува државата на начини на кои критичарите тврдат дека ја поткопуваат отворената политичка дебата и владеењето на правото и ќе ја стават во судир со Европската унија, која ја обвини Полска за повреда на демократските вредности и институции.

Тржасковски ги претстави изборите како борба за душата на нацијата. Тој вети дека ќе стави крај на владата што ги користи државните медиуми за да ги промовира своите ставови и да ги замолчи спротивставените гласови, да манипулира со судовите и да користи страв и поделба за да изгради поддршка.

Градоначалникот, чии митинзи на предизборните кампањи ги вклучуваа знамињата на ЕУ и на Полска, рече дека сака да живее во земја во која „отворената рака победува против стегната тупаница“.

Дуда ја отфрли загриженоста за нелибералниот отклон на Полска како изум на странски интереси кои сакаат да извршат контрола врз нацијата. Тој застана како бранител на „традиционалните семејства“ и го нападна Тржасковски во врска со неговата поддршка за Л.Г.Б.Т. правата – моќни аргументи во една католичка земја, особено надвор од нејзините космополитски градови.

Веќе горчливата кампања стана уште погрда во последните денови пред гласањето во неделата, откако Дуда, партијата Право и правда и нејзините приврзаници во десничарските медиуми започнаа со бараж напади врз Тржасковски.

Во провладиниот неделник „Сиеци“, градоначалникот на Варшава беше обвинет за поддршка на педофилија. Државната телевизија, која е претворена во пропагандна машина на владата, посочи дека Тржасковски ќе биде контролиран од еврејските интереси во комплицирани прашања поврзани со враќање на имотот што датира од Втората светска војна.

Ксенофобичните аргументи не се ништо ново за Право и правда, која ја презеде власта во 2015 година врз кампањата против прифаќање мигранти, се опиша како одбрана на христијанството против странските сили и ја оцрни Европската унија како закана за националната автономија.

Независните весници за време на кампањата се соочија со ескалациски напади, при што владејачката партија тврди дека Германија и другите надворешни сили се обидуваат да се мешаат во работите на нацијата.

„Дали некогаш сте слушнале таква хомофобија, таков антисемитизам, вакви напади врз сите што се доволно храбри да кажат ‘Доста беше’?“, ги праша Тржасковски приврзаниците во петокот.

„Сега или никогаш“, рече тој.

Поразот на либералниот градоначалник на Варшава, Рафал Тржасковски, е невeројатно горчлив за опозицијата

 

Додека Тржасковски и Дуда претставуваа многу различни визии за Полска, тие споделуваат неверојатно слични заднини. И двајцата се родени во 1972 година и израснати од семејства кои се сметаат за дел од интелигенцијата на земјата, а двајцата беа професори пред да влезат во политика како министри во Европската унија.

Но, нивните визии за нацијата од 38 милиони тешко дека можеа да бидат поразлични. Овие разлики ги отсликаа дебатите во други земји, каде традиционалните демократски вредности како плурализмот се напаѓаат од популистичките лидери, кои ги поткопуваат институциите и граѓанското општество да ја концентрираат власта.

Дуда имаше огромна победа во провинцијата, а Рафал Тржасковски ја доби својата главна поддршка од градовите со население над 500.000. Тржасковски освои повеќе војводства од Дуда, но тоа не беше доволно. Најтешката борба се спушти во малите и средни градови.

Додека полскиот претседател има ограничен авторитет, тој сепак има право право на вето, а Тржасковски вети дека ќе ја искористи таа моќ за да обезбеди противтежа на Право и правда.

Право и правда дојде на власт пред пет години повикувајќи Полска да се крене од колена и продолжи да турка нативистичка порака до последните денови од кампањата.

Нејзиниот лидер, Јарослав Качињски, де факто владетел на земјата, зборувајќи на популарната католичка радио станица, го обвини варшавскиот градоначалник дека нема „полска душа“ и „полско срце“.

„Оние кои во моментот вршат притисок да ја искористат власта – во моментов на претседателските избори, но познат е фактот дека не станува збор само за тоа – тоа се луѓе кои се сомневаат во сè што претставува нашата традиција“, рече Качињски во петокот. „Едноставно не сакаме да носиме одлуки некаде надвор од полските граници“. (Њујорк тајмс)